Чудо во Германија! Вака се пишува ракометната историја: Погледнете како стадионот станува сала за светски рекорди (видео)

Европското првенство во ракомет ќе биде спектакуларно отворено во Дизелдорф, Германија, на фудбалскиот стадион кој ќе биде претворен во сала за потребите на првенството.

Честта да го отворат првенството и’ припаднаа на Франција и Македонија, кои од 18 часот ќе го одиграат првиот натпревар од групата А, додека вистинскиот спектакл ќе се види од 20 часот и 45 минути кога домаќините – Германија ќе играат со Швајцарија.

Меркур Дек Арената во Дизелдорф, која има капацитет од 55.000 гледачи, ќе биде претворена во сала само за отворањето на шампионатот. Во оваа „импровизирана сала“ ќе се играат само првите два воведни натпревари, а на Германците не им беше тешко да завршат толку голема работа, бидејќи ќе ја имаат честа да бидат сопственици на светскиот рекорд кога е во прашање број на навивачи на еден ракометен натпревар.

Се знае колку Германците го сакаат ракометот, а нема дилема дека салата ќе биде преполна до последното седиште и дека ќе ја испишат историјата на ракометот, но и на спортот воопшто.

ЕХФ објави и видео како Германците го претворија стадионот во сала, а сцената навистина изгледа импресивно.

Ова ќе бидат единствените два натпревари кои ќе се играат во оваа „сала“, бидејќи групата А ќе се игра во арената Мерцедес Бенц во Берлин.