Чупеска: Институциите станаа џелати наместо да им служат на граѓаните

Говорејќи на повеќе актуелни теми, универзитетската професорка и потпретседателка на СДСМ, Ана Чупеска, во интервју за порталот Рацин.мк порача дека масовната партизација на институциите довела до ситуација тие да станат „џелати“ наместо заштитници на потребите на граѓаните.

„Сите институции на државната управа и инспекциските служби се брутално окупирани од партиски лојалисти, институциите како МВР, АНБ, АР, и секако сите други, наместо да нѐ заштитуваат, се чини дека се на првата линија на ова уништување, како тие да го предводат растурањето на државата, на општеството.

Делумно, ова е резулат и на идеолошките анахронизми со кои ДПМНЕ е оптоварена. Да се потсетиме дека врховизмот сеуште е мотивациона енергија во нивните редови, а Мицкоски јавно не се огради од тоа наследство. Оттука, институциите вака окупирани со контроверзни идеолошки вредности стануваат џелати, наместо да им служат на граѓаните“ рече Чупеска.

Таквото дејствување, додаваа таа често оди и спротивно на Уставот, за кој професорката смета дека е доста демократски.

„Тие (институциите) се ставени во целосна функција, исклучиво на одредени бизнис и политички моќници, кои наместо да решаваат секојдневни проблеми на граѓаните, создаваат уште поголеми проблеми. Со едноставни зборови, оваа власт ги користи институциите за да ги заштити само и исклучиво своите луѓе, а не за да ја спроведе правдата или да ја овозможи демократијата. Напротив, дури и нашиот демократски Устав, не го третираат за фундаментален темел на државата и делуваат спротивно на него“ порача Чупеска.

Чупеска: Власта свесно ги остава граѓаните ранливи и без заштита

Фемицидот, екоцидот се нашата сурова реалност и тоа не се случајни појави, туку системски и систематски организирани деструктивни однесувања на актуелната власт, кои се длабоко поврзани меѓу себе вели универзитетска професорка и потпретседалка на СДСМ.

„Затоа, кога анализираме што релано се случува во земјава, актуелната власт, се чини дека ги негува своите стари навики на деструктивни поведенија. Погледнете го на пример проблемот со незаконсото институирање на директорот на АНБ и последователните злоупотреби на оваа институција во ПР цели со фабрикација на афери“ вели таа.

Според Чупеска Владата свесно ги остава граѓаните ранливи и без заштита.

„Тоа се потврди со драматичните ситуации со Кочани, Дрисла, Вардариште, Трубарево, уништувањето на природата, убиствата на жените. Власта наместо да води политика на управување со општеството во правец позитивно да се развива и да напредува , води некрополитики. Со легицидот што го етаблира , т.е со уништувањето на правната држава, институциите се претворени во инструмент – овозможувач на деструкцијата на општеството, но и на неговата социјална структура и особено на довербата. Во еден таков деструктивен систем, незаштитените групи, како на пример жените (Росица, е последна во низата жртви) се срамна трагедија на затајување на Власта. Слично, уништувањето на природата и неказнивоста за еколошките злодела на ист начин треба да се толкуваат“ заклучи Чупеска

Чупеска: Потребен е масовен организиран отпор за секоја жртва на институционално овозможеното насилие

Во интервју за порталот Рацин.мк, професорката и потпретседателка на СДСМ Ана Чупеска порача дека младите не треба да бидат апатични, туку дека треба да го кренат својот глас.

„Манипулативните политичари обожаваат апатични апстинентни гласачи. Тие и такви политичари, се плашат од критички настроени умови и голем дел од својата енергија ја вложуваат токму во пасивизирање на мислечките луѓе во едно општество. Се со цел, од послушниците да создадат верна партиска војска, која ќе работи за нивните тесни и лични интереси. Бидејќи младите се свесни, верувам дека нема да се откажат од својот природен пркос против сето она што не им се допаѓа. Мислам дека оваа власт се потпира на идејата да предизвика што е можно поголема апатија кај младите. Но, верувам дека тоа нема да ѝ успее“ порача Чупеска.

Таа додаде и дека е потребен масовен организиран отпор за сите последни случувања кои се на штета на граѓаните.

„За вакви состојби и секојдневни трагични „социјални погибии“, потребен е масовен и организиран отпор. За Кочани, за Трубарево, за Фросина, за Росица, … за секоја жртва на институционално овозможеното насилие“

Чупеска: Граѓаните ја изгубија вербата во демократските институции и во можноста за остварување на правда

Ако се уништи едно општество, де факто, ако се создаде средина на безредие, не може да има услови за било-какво политичко устројство, а најмалку па за демократија, порача професорката.

Чупеска смета дека македонското општество има голем проблем, затоа што граѓаните веќе ја изгубиле довербата во институциите.

„Уништувањето на општеството, кое секогаш е придружено со уништување на довербата, е нашата најголема закана за опстанок, впрочем, тоа го сведочивме токму последниве 6 месеци, имено после Кочани, особено го чувствуваме. Тоа директно се одразува и на стабилноста на државата, односно на безбедноста на граѓаните. Кога граѓаните ја изгубиле вербата во демократските институции и во можноста за остварување на правда, тогаш имаме не мал туку голем општествено-политички проблем“ вели Чупеска.

Според неа, луѓето стануваат отуѓени, апатични, резигнирани, а постојаното уништување на социјалната кохезија и оправданата недоверба во институциите, на крајот доведува до целосно изолирање на граѓаните од политиката.

„Но сето тоа не е на долг рок. Следната фаза е имплозија. Во таква состојба, недај Боже да дојдеме, многу е опасно“ заклучи Чупеска

Граѓаните немаат партнер во оваа власт, мора да се бориме за заедничкиот дом, вели професорката Чупеска

Чупеска детектира неколку приоритети за надминување на кризите и поставување функционална државна администрација.

„Во борбата за наш дом, можеби некои чекори би биле следниве: итна департизација и професионализација на институциите, односно, вработување врз основа на стручност, а не на партиска припадност; итни реформи во правосудството; задолжителна транспарентност и одговорност за јавната власт, наместо скриени договарања и ексклузивност во одлучувањето; итно откочување на преговорите со ЕУ, бидејќи со самиот процес на преговарање, трансформативниот ефект ќе се ситуира во директна системска реформа“ смета Чупеска.

Сепак, таа додава дека за актуелниот естаблишмент, ништо од ова не им е интерес.

„Граѓаните немаат партнер во оваа Власт. Би повторила дека ќе мора да си го одбраниме нашиот дом, односно да се бориме за нашиот дом“ истакна Чупеска.

Чупеска: Институциите овозможуваат и не спречуваат насилства

Потпретседателката на СДСМ Ана Чупеска во интервјуто потсети дека за време на мандатот на нејзината партија, фемицидот бил етаблиран како посебно кривично дело, но дека актуелната власт не покажува слух за решавање на ова прашања.

Според неа последниот случај но и претходни случаи на фемицид покажуваат дека во општеството има ситуација на институционално овозможено насилство.

„Не се сложувам дека станува збор за институционална немоќ, туку станува збор за обратно: институционално овозможено насилство. И тоа не само низ овој пример, туку низ низа претходни епизоди, кои биле системски овозможени. Во таа смисла, очигледната негрижа и неспособност на оваа власт да ги заштити најранливите, резултира не ретко со фатални последици. Инаку, во мандатот на СДСМ, фемицидот, беше етаблиран како посебно кривично дело, но и покрај тоа, капацитетите на актуелната власт по ова прашање, веројатно поттикнати од назадни и антиродови ставови, не покажуваат никаков слух“ порача Чупеска.