Лидерите на земјите-членки на Европската унија донесоа одлука за старт на преговори за членство со Украина и Молдавија, објави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на социјалната мрежа Х (Твитер).
„Европскиот совет одлучи да отвори пристапни преговори со Украина и Молдавија“, наведе Шарл Мишел.
Според него, Советот на ЕУ решил и да и додели статус на земја кандидат за членство на Грузија, додека во однос на БиХ останува условената препорака за старт на преговорите.
„ЕУ ќе ги отвори преговорите со Босна и Херцеговина, откако ќе се постигне потребниот степен на усогласеност со критериумите за членство и ја повикува Комисијата да поднесе извештај до март со цел да се донесе таква одлука“, додаде Шарл Мишел во објавата.
Според него, ваквите одлуки се јасен сигнал за надеж за народите на овие земји и за европскиот континент.