Шар планина забрзано се соголува, на македонскиот планински бисер му се заканува еколошка катастрофа
Се суши дел од смрчата на Шара. Климатските промени и инсектите поткорници ги ретчат пејсажите со ова дрво, кое на шарпланинскиот масив е лоцирано на најужната точка од неговото поднебје.
Мониторингот на Националниот парк Шар Планина утврдил и сушење на групни стебла, а обновата на ваквата шума е доведена во прашање. Од установата најави мерки за спас на смрчата.
И додека климата и штетниците ги напаѓаат дрвјата, човекот ги масакрира и сече од корен. Во селските атари на Шара над 50 % од шумата ја нема. Деградацијата на површините ја намалува и обновата на дрвјата.Од Националниот парк Шар Планина, велат дека последниве години се бележи намалување на пустошот на шумите, но борбата за враќање на шумскиот фонд ќе биде голема.
Дивата сеча веќе ги соголе и атрактивните планинарски патеки на Шара. Странска експертиза пак утврди дека главна причина за ерозивните процеси кои се случија на планинското подрачје каде имаше човечки жртви и голема материјална штета е човекот, кој ја масакрира шумата и создава нестабилност на самиот терен.