Шаќири ги повика студентите да ги подигнат наменските картички за користење субвенциониран студентски оброк

–  Без подигнување наменска студентска Visa картичка, студентите нема да можат да ги користат средствата по основ на субвенциониран студентски оброк. Затоа, сите апликанти кои го оствариле ова право и за тоа добиле потврда од Министерството за образование и наука, треба електронски да ги ажурираат своите податоци на платформата на Шпаркасе банка и потоа да појдат во филијалата која ќе им биде посочена, да потпишат договор и да си ја подигнат картичката. Процесот е едноставен, апелирал министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој заедно со раководството на Шпаркасе банка посетил една од филијалите на банката.

Целта на посетата била да видат како се одвива потпишувањето договори и подигнувањето на наменските картички за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и да ги повикаат оние кои сè уште не ја завршиле оваа обврска, да го сторат тоа поскоро.

-Задоволен сум од текот на активностите и гледам дека целиот процес се одвива едноставно, но според информациите со кои располагаме и натаму одреден број студенти сè уште не ги подигнале своите наменски картички. Затоа во оваа прилика уште еднаш ги повикувам да го сторат тоа за да можат да ги користат средствата кои за нив по овој основ ги обезбедува државата, а од оваа академска година се зголемени и изнесуваат 140 денари дневно, рече Шаќири.

Од Шпаркасе банка АД Скопје, како што информира МОН, потсетиле дека ажурирањето на податоците, студентите го прават на нивната онлајн-платформа https://netbanking.mk/studentPortal .  Потоа добиваат информација преку СМС за точното време и место за потпишување на договорот за отворање посебна сметка и за подигнување на наменскa студентскa Visa картичкa за субвенциониран оброк.

-Аплицирањето за субвенциониран студентски оброк за кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2023/2024 година и кои не го запишале летниот семестар, ќе трае од 27 септември до 2 октомври 2023 година. Секој апликант кој има потреба од непосредна поддршка при аплицирањето може да се обрати на контактот: [email protected] или во наменската канцеларија на приземјето во зградата на Министерството, соопшти МОН.