Шаќири: Среќна и успешна учебна година, заедно да градиме квалитетни ученички генерации

 Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на основците и средношколците им посака успешна училишна година, во која, како што вели во пораката, „ќе стекнат многу нови знаења и вештини, но и ќе одвојат време за спорт, рекреација и воннаставни активности“.

-Секоја нова учебна година е почеток на откривање нови и возбудливи нешта. Со љубопитството читајте, учете и слушајте ги наставниците. Откривајте ги научните факти, размислувајте и бидете креативни. Вашите наставници се тука да ви помогнат во ова неповторливо патување. Ви посакуваме се најдобро за успешна и исполнета учебна година, вели Шаќири во пораката до ученците.

Додава дека Министерството е посветено да обезбеди квалитетно образование и ќе продолжи да работи на обезбедување училишта кои се безбедни, инклузивни и толерантни и во кои секој ученик може да напредува и да ги постигне максималните потенцијали.

-А најдобри резултати се постигнуваат кога сите заедно, како поединци и општество, сме единствени кон најдобрите интереси на децата, наведува министерот.