Шаќири: “Универзитетот ‘Мајка Тереза’ наскоро ќе добие комплетен инфраструктурен кампус“

Државниот универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје наскоро ќе биде преместен во кругот на поранешната касарна „Илинден“, информираат од Министерсвото за образование и наука (МОН).

Како што соопштуваат оттаму дел од објектите етапно се отстапуваат и уредуваат за потребите на оваа установа. А, за интензитетот на активностите денеска на средба во просториите на Министерството за образование и наука разговарале министерот Јетон Шаќири и ректорот на универзитетот, проф. д-р Изет Зеќири.

Двајцата соговорници изразиле задоволство од текот на целиот процес кој има за цел да одгоори на предизвик со недостиг на соодветни инфраструктурни услови.

Дел од сегашните студентски генерации, како и многу нови ќе следат настава во најсовремени предавални и амфитеатри. Оваа наша заложба е дел од напорите за обезбедување на што подобри услови за образование за младите. Тие мора да бидат задоволни од тоа што им го нуди земјата, за да бидат и доволно мотивирани да возратат по дипломирањето, вложувајќи го својот интелектуален капацитет токму тука“, вели министерот Шаќири.

Ректорот Зеќири се заблагодарил за поддршката која ја добива од државата за развој на универзитетот и изрази уверување дека успешната приказна која ја гради високообразовната установа ќе продолжи и во иднина.

Универзитетот „Мајка Тереза“ во моментот функционира во објект во центарот на градот, како привремено решение до конечната изградба на универзитетскиот кампус. За шест години откако е основан на истиот, на петте факултети во состав кои нудат 36 студиски програми, се запишале над 3 000 студенти.