– Швајцарската претседателка Виола Амхерд денеска изјави дека очекува земјата да ги преземе првите конкретни чекори кон мир на мировниот самит за Украина, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека самитот може да биде „историски“.
-Сакаме конкретни фази, но нема да преговараме за мир во хотел во Биргеншток, рече Амхерд на заедничката прес-конференција со Зеленски пред почетокот на самитот и прецизираше дека првата фаза е „заедничко разбирање“ на принципите на идниот мир воспоставен со Повелбата на ОН, пренесува швајцарската РТС.
Претседателката на Швајцарија прецизираше дека само три точки од мировниот план ќе бидат на дневен ред на самитот: нуклеарна безбедност, безбедност на храна и хуманитарни прашања – воени заробеници и враќање на украинските деца од Русија.
-Тие точки се заеднички за сите мировни предлози презентирани од различни земји, нагласи таа на прес-конференцијата во швајцарскиот хотел Бургенсток, каде што се одржува самитот.
Зеленски го изрази своето задоволство од значителното учество на 101 земја и организација и од репрезентативноста на „првиот мировен самит“ за Украина, на кој се присутни пет континенти.
Не се присутни сите земји, потсети тој, но нагласи и дека идејата е војната да се запре со заеднички напори.
-Секоја земја на свој начин може да учествува во тие напори. Денеска сме сведоци на првиот успех. Нашата порака е следна: да и дадеме шанса на дипломатијата, рече Зеленски.
Ахмерд рече дека самитот нема да резултира со мировен договор, но „ќе бидат преземени првите конкретни чекори во таа насока“.
Зеленски, пак, нагласи дека првиот мировен самит може да „испише историја“.
Дводневниот мировен самит за Украина се одржува со учество на 100 делегации од целиот свет, но не и од Русија. Швајцарската влада објави дека 100 делегации потврдиле учество, меѓу кои 92 земји и осум организации.
Русија не беше поканета на самитот, но швајцарската влада, како домаќин на самитот, изјави дека средбата ќе има за цел „заеднички да дефинира патна карта“ за тоа како да се вклучат Москва и Киев во идниот мировен процес, пренесуваат британските медиуми.
На самитот во хотелот Биргенсток над езерото Луцерн во централна Швајцарија, покрај украинскиот претседател Володимир Зеленски, доаѓаат и американската потпретседателка Камала Харис, францускиот претседател Емануел Макрон, лидерите на Германија, Италија, Велика Британија, Канада, Јапонија и други.