Швајцарската скијачка Флури изненади со златниот медал во спуст

 Нова светска првенка во спуст денеска стана 29-годишната Швајцарка Јасмин Флури, која бсо стартен број два ја мина патеката „Рок де Фер“ во француски Мерибел за една минута и 28.03 секунди и постави резултат што беше недостижен за другите натпреварувачки во изненадувачкиот расплет на трката.

Флури до златниот медал во спуст на Светското првенство во алпско скијање дојде со својата прва победа во најбрзата трка, а вкупно само втора во кариерата, по триумфот во супервелеслалом во 2017 година во Сент Мориц.

Подеднакво големо изнанадување приреди и 26-годишната Австријка Нина Ортилеб, која го освои сребрениот медал заостанувајќи само четири стотинки зад Флури во својот дебитантски настап на големите натпреварувања.

Фаворитскиот статус во денешната трка донекаде успеа да го оправда само бранителката на титулата од Кортина д’Ампецо 2021 и актуелна олимписка шампионка во спуст Корин Сутер од Швајцарија, која со заостанување од 12 стотинки го освои бронзениот медал.