Шведското јавно радио – уште еден медиум што го напушта Твитер

Шведското јавно радио (СР) денеска соопшти дека ги суспендира активностите на Твитер откако слични решенија беа донесени во САД и Канада поради контроверзните одлуки на социјалната мрежа во сопственост на Илон Маск.

„Sveriges Radio веќе некое време го намали своето присуство на Твитер и сега решивме целосно да ги прекинеме нашите активности на таа платформа, како и да затвориме голем број профили“, објави најслушаната радио станица во земјава на својот блог.

„Треба да се концентрираме и да му дадеме приоритет на онлајн присуството на СР, а Твитер едноставно се промени и стана помалку важен за нас во изминатата година“, рече службеникот за социјалните медиуми на радиото, Кристијан Гилингер.

Минатата недела, американското јавно радио НПР стана првиот голем медиум кој го напушти Твитер во знак на протест поради новите политики на мрежата, која Маск ја купи во октомври за 44 милијарди долари.

Вчера, канадското јавно радио CBC/Radio-Canada го стори истото по одлуката на Твитер да го означи како „медиум финансиран од владата“, објаснувајќи дека тоа е „лага“ и напад на неговата „независност“.

Шведското јавно радио не протестираше по оваа основа. Шведското јавно радио и телевизија 100 отсто се јавни медиуми.

Големите медиуми го напуштаат Твитер откако платформата воведе нова политика за верификација на идентитетот. Од 20 април, мрежата нуди проверка на идентитетот со сино штиклирање кое се плаќа.

Откако го купи Твитер, Маск ги олесни правилата за контрола на содржината на платформата, овозможувајќи враќање на многу корисници, кои беа исфрлени поради говор на омраза или ширење дезинформации.  Маск, исто така, отпуштл и многу вработени. Твитер имаше 7.500 вработени, а сега има помалку од 2.000.