Шекеринска: НАТО продолжува да зајакнува, нема најава за повлекување на американските сили од Косово

Заменик генералниот секретар на НАТО Радмила Шекеринска изјави дека не верува дека американската војска ќе се повлече од Косово, нагласувајќи дека НАТО продолжува да го зајакнува своето присуство и соработка во регионот.

Според неа, сите сојузници мора да придонесат повеќе и тоа се рефлектира во досегашните активности на Алијансата.

„Сметаме дека тоа води кон уште посилна Алијанса, која останува столб на колективната одбрана. И секако дека соработката со ЕУ по ова прашање ќе продолжи“, рече таа без да одговори на прашањето што точно мисли за формирањето на армијата на Европската унија, кое се најавува со години.

Шекеринска нагласи дека КФОР, кој е предводен од европски сојузник, продолжува да игра важна улога за безбедноста на Косово и регионот.

Таа додаде дека зголемувањето на трошоците за одбрана на членките на НАТО е резултат на војната во Украина и притисокот од Вашингтон за поправедна распределба на трошоците меѓу Европа, Канада и САД.

Покрај тоа, таа го коментираше воениот договор што го потпишаа Хрватска, Албанија и Косово, истакнувајќи дека тоа не е ништо невообичаено и дека секоја земја има суверено право да склучува договори со други земји.

Таа ги потврди напорите на НАТО да инвестира во стабилноста на Западен Балкан, како и соработката со земји како Босна и Херцеговина и Србија.