Шенген зоната се распаѓа: Сè повеќе членки на ЕУ воведуваат гранични контроли! (фото)

Стравот од тероризам по настаните на Блискиот Исток и нападите во Франција и Белгија влијаеше на слободното преминување на границите.

Додека на Блискиот исток врие конфликтот меѓу Израел и Хамас, министрите за внатрешни работи на земјите-членки на Европската унија вчера се сретнаа во Луксембург за да разговараат за ситуацијата во Шенген зоната и одлуката на зголемен број членки да воведат контрола на нивните граници.

Во Брисел оправдано се плашат од прелевање на конфликтот од Блискиот Исток во Европа, како што покажаа нападите во Франција и Белгија, кога радикалните исламисти убија професор и двајца шведски навивачи.

Радикални елементи

Во прилог на тоа треба да ги додадеме се понасилните пропалестински протести кои се одржаа во Германија и Франција, како и фрлањето молотови коктели врз синагога во Берлин.

По Италија, Словенија е последна која најави воведување контроли на границата со Хрватска и Унгарија, додека претходно контроли воведоа Франција, Шведска, Данска, Норвешка…

Италија ја извести Словенија дека првично ќе воведе гранични контроли за десет дена со можност за продолжување.

Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедоси го информирал својот словенечки колега Боштјан Поклукар дека целта на воведувањето на оваа привремена мерка е спречување на тероризмот и организираниот криминал.

Таканаречената западнобалканска рута, која внимателно ја следат словенечките и италијанските безбедносни служби, може да биде атрактивен коридор за потенцијалните радикални елементи.

– Шенген зоната беше една од главните идеи на европското единство и беше воспоставена за да можеме слободно да ги преминуваме границите без да знаеме дека преминуваме од една во друга земја. Да дадеме чувство дека сме едно. Но, тоа повеќе го нема. Шенген пропадна како идеја. Можеби некои гранични премини нема да ги чувствуваме како порано, но ова веќе не е слободен граничен премин. Ова повеќе го нема – рече Боштјан Поклукар.

Зголемена закана

Словенечкиот министер за внатрешни работи за Радио Словенија потврди дека ризикот од терористички напади во оваа земја е зголемен од низок на среден.

– Морам да истакнам дека безбедносната ситуација во Словенија е многу подобра отколку, на пример, во соседна Австрија или Италија – рече тој, пренесува Дело.

Потсетуваме, Австрија воведе контроли на границата со Словенија и Унгарија уште во 2015 година, а од Виена беше соопштено дека овие мерки ќе останат во сила до мај следната година.

Во средата Австрија воведе гранична контрола и со Чешка, откако Германија воведе гранични контроли со Полска и Австрија.

Зголемени критики за Хрватска

Мигрантите ги минуваат границите со такси

Следната недела во Трст ќе се сретнат министрите за внатрешни работи на Словенија, Италија и Хрватска, а главна тема ќе биде безбедноста на границите и инсистирањето на Хрватска дека не сака да дозволи пристап до единиците на Фронтекс на шенгенската граница.

Словенија и Италија постојано ја предупредија Хрватска, која се приклучи на Шенген пред помалку од една година, дека мора подобро да ја заштити шенгенската граница, особено со БиХ, Србија и Црна Гора, поради илегалните мигранти.

На Хрватска во неколку наврати и’ беше понудена помош во форма на мешани патроли, но Загреб упорно ја одбиваше.

– Со влезот на Хрватска во Шенген, мигрантите повеќе не ја минуваат нашата граница преку шуми или реки, туку по пат, железница, па дури и со такси. Се препоставува дека има повеќе од 40.000 илегални премини за преминување на нашата граница – додаде Поклукар.