Шефот на Вагнер продолжува да му пркоси на руското Министерство за одбрана: „Отвораме центри за регрутирање во 42 града“

Шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, најави отворање на центри за регрутирање низ Русија, со што продолжува отворениот конфликт со руското Министерство за одбрана.

„Отворени се центри за регрутирање на Вагнер во 42 руски градови“, рече Пригожин.

Војниците ќе бидат регрутирани во спортските центри и клубовите за боречки вештини, според списокот што тој го објави.

„И покрај колосалниот отпор на украинските вооружени сили, ние ќе продолжиме напред“, додаде тој.

Пригожин претходно во неколку наврати го обвини руското воено раководство дека не ги снабдува со муниција која ја има во воените магацини.

Во февруари тој сподели фотографија од загубите на руските платеници кои наводно загинале на 21 февруари бидејќи раководството на редовната армија не им обезбедило муниција. Тој во нова изјава повторно алудира на очигледниот притисок од министерството и најави дека и покрај тоа ќе ги надмине сите пречки.

Пригожин со месеци регрутираше затвореници, ветувајќи им амнестија по нивното враќање во Русија доколку ги преживеат борбите во Украина. Но, на почетокот на февруари тој рече дека регрутирањето од затворот завршило. Се претпоставува дека министерството ставило крај.