Шефот на ИД повика на подготвеност за офанзива, се подготвува ли Израел да го нападне Либан?

Израелската армија (ИДФ) е сè поподготвена да ја прошири својата војна против либанското движење Хезболах на северот на земјата.

„Денеска одобривме различни планови за иднината и мора да бидеме подготвени за офанзива доколку е потребно. Израелските одбранбени сили се на многу високо ниво на подготвеност“, изјави началникот на Генералштабот Херзи Халеви за време на посетата на воената команда северно од израелскиот град Сафед.

Израелската армија се судри со единиците на Хезболах во јужен Либан откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври, пишува Телеграф.

Хезболах вчера истрела ракети врз израелскиот пограничен град Кирјат Шмона, а израелската полиција соопшти дека се оштетени неколку згради.

На почетокот на војната во Газа, властите од безбедносни причини преместија десетици илјади жители на северниот регион во внатрешноста на земјата.

Три лица, меѓу кои и еден борец на Хезболах, беа убиени вчера во израелски напади врз позиции на Хезболах во јужен Либан, јави либанската новинска агенција NNA.

Овие битки од почетокот на октомври претставуваат најсериозен воен конфликт од втората либанска војна во 2006 година.

Аналитичарите тврдат дека двете страни сè уште следат некои неизговорени правила, бидејќи досега избегнуваа понатамошна ескалација.