Шефот на НАТО и украинскиот министер Кулеба разговараа за воена поддршка на Киев

 – Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, разговараа за воената поддршка на Украина и патот на земјата кон НАТО.

Во телефонскиот разговор меѓу двајцата претставници станало збор за чекорите на Киев на „патот кон НАТО“, напиша Кулеба на платформата X, порано позната како Твитер.

„Разговаравме за адаптираната Годишна национална програма и за целосно функционирање на Советот Украина – НАТО“, соопшти Кулеба, додавајќи дека го информирал Столтенберг и за подготовките на Украина за првиот Форум на одбранбени индустрии.

Од своја страна, Столтенберг преку X по разговорот порача: „Го поздравувам тоа што Украина постепено напредува и што сојузниците на НАТО обезбедуваат голема поддршка, меѓу која се и авионите Ф-16 и обуката од Данска, Холандија, Норвешка и САД.“

Норвешка, Холандија и Данска ветија дека ќе обезбедат борбени авиони Ф-16 на Украина.