Шефот на НАТО ја потврди поддршката за Украина за време на ненадејната посета на Одеса

Поддршката на НАТО за Украина останува „непоколеблива“, рече генералниот секретар на алијансата, истакнувајќи дека сојузниците веќе ветија повеќе од 20 милијарди евра безбедносна помош во првите три месеци од 2025 година.

Марк Руте во вторникот дојде во ненадејна посета на Украина и се сретна со претседателот Володимир Зеленски во јужниот пристанишен град Одеса, пишуваат странските медиуми, пренесува Телеграф.

„Тука сум денеска затоа што верувам дека народот на Украина заслужува вистински мир, вистинска безбедност во својата земја, во своите домови“, рече Руте на заедничката прес-конференција со Зеленски.

Тие двајца ја посетиле болницата во градот каде се сретнале со ранетите украински војници.

Посетата на Руте дојде неколку дена откако две руски балистички проектили го погодија центарот на Суми, при што загинаа најмалку 35 луѓе, меѓу кои две деца, а беа повредени 119 други.

Североисточниот град се наоѓа на околу 30 километри од границата на Украина со Русија.

Тоа беше втор напад од големи размери за нешто повеќе од една недела што резултираше со значителни цивилни жртви.

Ова е исто така прво патување на Руте во Украина откако американскиот претседател Доналд Трамп го презеде водството во преговорите за прекин на огнот меѓу Киев и Москва, кои вклучија неколку рунди разговори во Саудиска Арабија.

„Овие дискусии не се лесни, не само по ова ужасно насилство“, рече шефот на НАТО, осврнувајќи се на неодамнешните напади. Но, сите ние го поддржуваме притисокот на претседателот Трамп за мир“.