ШИРОКА ВОЕНА ЕКСПАНЗИЈА НА ДАЛЕЧНИОТ ИСТОК !? Сергеј Шојгу му предложил на Ким Џонг Ун Русија и Северна Кореја да одржат поморска вежба заедно со Кина
Mинистерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу, му предложил на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун двете земји да одржат поморска вежба заедно со Кина, објави денес јужнокорејската државна медиумска агенција, повикувајќи се на информации јужнокорејската разузнавачка агенција.
Агенцијата соопшти дека Сергеј Шојгу тоа му го предложил на Ким Џонг Ун за време на посетата на Северна Кореја во јули по повод 70-годишнината од крајот на Корејската војна, која Пјонгјанг ја слави како – „Ден на победата“.
Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја го информираше Националното собрание дека Сергеј Шојгу најверојатно одржал приватен состанок со Ким Џонг Ун за да се договори за, како што велат – „широка воена експанзија“.
Русија и Северна Кореја неодамна повикаа на проширување на воените врски меѓу двете земји, но Пјонгјанг негира дека има договори за оружје со Москва.
Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, на брифинг со новинарите минатиот месец изјави дека Сергеј Шојгу се обидел да посредува за договор за продажба на артилериска муниција на Русија за време на посетата на Северна Кореја.
САД неодамна воведоа санкции за три компании кои ги обвинија дека се поврзани со договори за оружје меѓу Северна Кореја и Русија.
Северна Кореја ретко одржува воени вежби со своите соседи, објави медиумската агенција Reuters, додавајќи дека Пјонгјанг ги обвинува САД и Јужна Кореја дека се подготвуваат за војна против Северна Кореја со редовни заеднички воени вежби.