Шмит ја наметна одлуката за формирање влада на Федерацијата Босна и Херцеговина

– Високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, вечерва донесе одлука за деблокирање на формирањето влада на Федерацијата Босна и Херцеговина. Беше образложено дека согласноста на претседателката на Федерацијата БиХ Лидија Брадара (ХДЗ БиХ) и еден од потпретседателите, во случајов Игор Стојановиќ (СДП), била доволна за назначување на владата на ентитетот.

„Премиерот, потпретседателите и министрите на Владата на Федерацијата предложени од претседателката на Федерацијата на Босна и Херцеговина во предлог-одлуката што ја потпиша на 30 март 2023 година, а која беше договорена од еден од потпретседателите на 3 април 2023 година и изменета, се смета дека се именувани согласно член IV.Б.5 став еден од Уставот на Федерацијата“, се наведува во одлуката на Шмит.

Согласност за формирање влада на Федерацијата Босна и Херцеговина не даде вториот потпретседател Рефик Лендо од Партијата за демократска акција (СДА).

Во одлуката на Шмит беше наведено дека владата на Федерацијата Босна и Херцеговина се избира со тоа што нејзиното именување ќе биде потврдено со мнозинство гласови од Претставничкиот дом на Федерацијата Босна и Херцеговина.

„Претседателот на Претставничкиот дом на ФБиХ ќе свика итна седница, која ќе се одржи најдоцна до 28 април. Единствена точка на дневен ред на оваа седница ќе биде потврда на именуваната Влада“, се наведува во одлуката.

Високиот претставник во Босна и Херцеговина изјави дека Парламентот на Федерацијата на Босна и Херцеговина „ќе даде се од себе“ да го започне процесот на измена на Уставот на ентитетот во согласност со неговата одлука, со цел да се спречат идни блокади во формирањето на владата на Федерацијата на Босна и Херцеговина.

Беше наведено дека одлуката ќе стапи во сила веднаш по објавувањето на веб-страницата на ОХР и во Службен весник на ФБиХ.