Шолц и Зеленски добија награди од Атлантскиот совет

Германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот претседател Володимир Зеленски, за време на годишното заседание на Генералното собрание на ОН во Њујорк, ја добија наградата Глобален граѓанин од Атлантскиот совет, јави ДПА.

Наградата се доделува на поединци „кои придонеле за позитивни промени во нивните општества и кои ја отелотворуваат посветеноста на меѓународната соработка“.

На церемонијата Шолц рече дека му е чест што ја примил наградата заедно со Зеленски.

„Руската брутална војна против Украина се води во Европа, но во исто време тоа е напад на основните принципи на нашиот меѓународен поредок“, рече Шолц.

Тој повторно вети дека Германија ќе ги поддржува Зеленски и Украина онолку долго колку што е потребно.

Зеленски, пак, својата награда ја посвети на војниците кои се борат против Русија и на „милите деца“ убиени од „руските терористи“. Тој речер дека ја посветува и на „храбрите држави“ кои беа со Украина и ја поддржуваа, како и на сите луѓе кои се бореле за слобода во светот како Украина.

Наградите беа доделени за време на свечена вечера за која можеше да се купат билети во вредност од 2.500 долари.

Наградата ја добија и јапонскиот премиер Фумио Кишида и американската министерка за финансии Џенет Јелен.