Шпанија по изборите во „нерешлива ситуација“: Десничарите ќе се обидат да формираат влада

На парламентарните избори во Шпанија, по преброените 100 проценти од гласовите, нема јасен победник бидејќи десничарската Народна партија не освои доволно гласови за сама да формира влада, додека социјалистите на премиерот Педро Санчез постигнаа подобар резултат од очекуваниот, поради што се очекуваат неколку недели „сложени преговори“, пишува шпанскиот весник „Ел Паис“, со оценка дека ситуацијата е речиси невозможно да се реши.

Шпанската конзервативна Народна партија, предводена од Алберто Нуњез Феихо, освои најмногу гласови на предвремените парламентарни избори вчера, но веројатно нема да има мнозинство за формирање влада.

Дури и со поддршка на екстремната десница, за која се шпекулираше пред изборите, Народната партија нема да има мнозинство во парламентот. Без оглед на тоа, Феихо на поддржувачите конзервативци им рече дека сега е негова должност да се обиде да формира влада.

Дури ни социјалистите на актуелниот премиер Педро Санчез нема да можат да формираат влада, дури и со поддршка од другите левичарски партии, додека Санчез ги гледа резултатите од изборите како победа на неговата партија.

„Ретроградниот блок не успеа. Имаме повеќе гласови и повеќе пратенички места отколку пред четири години“, рече Санчез пред приврзаниците пред седиштето на партијата.

Врз основа на речиси 100 проценти од преброените гласови, Народната партија ќе добие 136 од 350 места во Долниот дом на шпанскиот Парламент, а екстремно десничарската Вокс – 33. Пред само една недела, Народната партија очекуваше да освои 168 места на изборите и убедлива победа што ќе и овозможи да владее независно без крајно десничарскиот Вокс.

Отпорот од левицата беше многу посилен од очекуваното, а Социјалистичката партија (ПСОЕ) на премиерот Педро Санчез неочекувано ги подобри своите резултати на изборите во неделата споредено со изборите во 2019 година, наведува весникот.