Шпанската крајно десничарска партија Вокс вети депортирање на мигрантите и затворање на џамиите

Шпанската крајно десничарска партија Вокс во пресрет на предвремените општи избори вети дека ќе ги испрати нерегуларните мигранти во нивните матични држави и ќе ги затвори „фундаменталистичките“ џамии.

Во Шпанија на 23 јули ќе се одржат предвремени општи избори.

Екстремно десничарската партија Вокс ја претстави изборната програма од 100 точки што претежно е антимигрантска и антиисламска и која досега политичките партии во Шпанија не ја претставувале за време на предизборните кампањи и за која претходно не е многу дискутирано.

Вокс по 23 јули би можел да дојде на власт како дел од коалициската влада со десничарската Народна партија (ПП), која во моментов е најголема опозиција.

Оваа партија, меѓу другото, во своите ветувања поврзани со мигрантите наведе дека „нерегуларните мигранти во Шпанија или легалните мигранти што ќе извршат кривично дело ќе бидат вратени назад во нивните татковини“.

Тие, исто така, ветија дека ќе ги зголемат казните за криминалните групи или невладините организации што поттикнуваат на нерегуларна миграција.

Вокс порача дека ќе бара измени на законот за луѓето што илегално влегуваат во земјата и се обидуваат да стекнат легален статус, а ќе бара и повеќе да се учи шпанскиот јазик и построги услови за интеграција за давањето државјанство.

Оваа екстремно десничарска партија во својата изборна програма наведе и дека „фундаменталистичките џамии ќе бидат затворени, а имамите што ги презираат жените и го бранат џихадизмот ќе бидат протерани“.