Шпанските пожарникари ја продолжуваат борбата со огромниот шумски пожар што ја зафати Валенсија

 Пожарот опустоши површина од 4.000 хектари, а од регионот на Валенсија се евакуирани околу 1.500 лица.

Шпанските пожарникари ја продолжуваат борбата со огромниот шумски пожар што ја зафати Валенсија во Шпанија, кој во четвртокот избувна во местото Вилануева де Вивер во Кастељон.

„Огнот се прошири на 40 километри широко подрачје кое го вклучува и регионот Алто Михарес и границата со провинцијата Теруел“, објави медиумот „Ел Паис“ ова утро.

Пожарот опустоши површина од 4.000 хектари, а од регионот на Валенсија се евакуирани околу 1.500 лица.

Брзото проширување на пожарот го потпомогнаа силниот ветар и високите температури.

„Големи подрачја околу шпанскиот брег на Средоземното Море се наоѓаат во екстремен ризик од шумски пожари, а условите само ќе се влошат до недела“, објави шпанската Агенција за метеорологија AEMET.

Европската организација за експлоатација на метеоролошките сателити (EUMETSAT) потсети дека во 2022 година Шпанија и Португалија кон крајот на јули и почетокот на август доживеаја незапаметени пожари, по рекордно високиот топлотен бран во комбинација со сушата.

Во вторникот португалската Влада предупреди дека овогодинешната сезона на пожари би можела да биде уште полоша.