Пожарникарите во ТППЕ-Штип денеска имаа две интервенции, од кои едната и во централното градско подрачје, каде што во зграда беа запалени кабли, но и ѓубре. Пожарникарите околу 15 часот завршуваа со интервенцијата, а за МИА велат дека брзо интервенирале и е спречено пожар од поголеми размери. Оваа интервенција им траеше околу 20 минути. Претходно околу 13 часот интервенираа во близина на Турските гробишта. Командирот на ТППЕ-Штип, Дарко Коцев вели дека пријавата е од страна на граѓани.
-Добивме пријава дека горат контејнерите на улица Широк дол во Штип. На терен кај турските гробишта излеговме веднаш со две противпожарни возила и пет пожарникари. Како што беше пријавено гореа контејнерите, ѓубрето околу нив и тревата. Но, сега е изгаснато и пожарот е ставен под контрола, вели Коцев.
Тој апелира до сите граѓани да не се пали оган на отворено особено на вака високи дневни температури, со цел да не настане пожар од големи размери кој може да причини огромни материјални штети.