Штипските пожарникари-спасувачи за МИА: По 12 часа дневно трагавме под урнатините во деветкатница во Адијаман
Урната деветкатница, покрај неа багер, кој интензивно работи и ги крева бетонските плочи од нечии поранешни домови, во кои спомените за само еден миг на делчиња ги распарчи и уништи катастрофален земјотрес. Спасувачките тимови на Турција и на Северна Македонија со вперени очи кон урнатините, но и дел од нив внимаваат да не се урне некоја од навалените згради врз тимовите. Дванаесет часа се работи на терен, со надеж дека ќе се извлече жив човек од урнатините, во турскиот град Адијаман.
Вака за МИА ја опишуваат седумдневната спасувачка акција штипските пожарникари, Дарко Коцев, командир на ТППЕ – Штип и пожарникарите-спасувачи Миланчо Смилев, Ефрем Трендафилов и Зоран Коларов, кои беа дел од вториот македонски спасувачки конвој, организиран од страна на Дирекцијата за заштита и спасување.
– На терен бевме по 12 часа. Штипските пожарникари со македонскиот тим и Дирекцијата за заштита и спасување беа добро организирани со помош на турските власти и турските спасувачи. Покрај тешката механизација успеавме заедно целиот тим 12 часа да бидеме над урнатините и да внимаваме, да гледаме, да пазиме дали ќе најдеме тело, дали ќе најдеме преживеано тело. Нашата работа беше спасување и придружување на подурнатините, вели Коцев.
Пожарникарот Коларов додава дека иако имало обезбедено и спасувачи задолжени да надгледуваат и да следат дали е се во најдобар ред, дали зградите се стабилни, дали има одрони од околните згради, сепак постоел ризик.
– Ние стоевме врз багерот, некои од страна. Багерот кога работи се дига голема прашина и после секоја отворена дупка наше беше да се симнеме долу и да пребаруваме за евентуално преживеани, вели Трендафилов.
Смилев надополнува дека доколку забележат тело, тимот во тој момент е со надеж дека ќе извлечат жив човек од урнатините.
– Ја стопираме целата механизација, а потоа следи влегување под урнатините, спасување и тргање на телото од под урнатините, додава Смилев.
Триесет и двајцата пожарникари-спасувачи од повеќе општини во земјава и вработени во Дирекцијата за заштита и спасување од урнатиот објект, успееја да извлечат жива, само една 38-годишна жена. Штипските пожарникари во прес-центарот на МИА во Штип ја опишаа спасувачката акција, која се одвивала околу седум часа.
– За спасувањето на жената најголема заслуга има Дирекцијата за заштита и спасување заедно со македонскиот тим. За ова спасување требаше некаде околу шест до седум часа за да се извлече телото, бидејќи околу пронаоѓањето на телото и по работа како да се извлече телото и на кој начин, требаше да реагираат и медицинските служби. Телото мораше прво да оди преку медицинските служби, а потоа да се изврши извлекувањето и со помош на турските власти, турските спасители кои беа таму, значи цела група од турски спасители, од македонскиот тим и од Дирекцијата за заштита и спасување како огромен тим со многу мака, со шест-седумчасовна работа успеавме сите заеднички, секој со мал удел на работа, да се извлече телото, раскажува Коцев.
Пожарникарот-спасувач Смилев надополнува дека спасувачката акција се одвивала внимателно, покрај нив биле и лекари, кои постојано и давале медицинска помош на жената, додека целосно не била извлечена од остатоците од нејзиниот урнат дом.
– Прво од страна на медицинските тимови беше дадена инфузија, анестезија и после тоа следуваше нашата работа – полека, полека да се оттргнат самите урнатини. Додека се одвиваше акцијата, тргавме делови од зградата, самата арматура, железа, се. Можете да замислите една зграда да се урне, како би изгледала. Да, деветкатница, луѓето беа, зборувам конкретно за жената, беше под неа, тоа не знам сега – да се долови да се види, телото под урнатини, полека, полека со механизација, со наша опрема да се растрга да не се повреди самата жртва, додава Смилев.
Коцев, Смилев, Коларов и Трендафилов велат дека за жал сите останати извлечени од под урнатините на деветкатницата биле починати. Раскажуваат дека покрај остатоците од зградата биле и членови на семејствата, роднини и пријатели, кои со трошка надеж чекале да биде излечен жив некој од нивните блиски. Секојдневно од под остатоците на зградата извлекувале над десеттина починати лица, кои настрадаа од разорниот земјотрес во Турција.
– Конкретно секојдневно се вадеа 10, 12-13, можеби и повеќе. Тоа е процес во којшто не ги ни броиш, доста беа извадени, додава Смилев.
Македонските спасувачи во Адијаман биле сместени во шатори, лоцирани во парк, а како што објаснуваат таму било безбедно, бидејќи додека се одвивала спасувачката мисија, тлото секојдневно се тресело.
– Да. За наша безбедност моравме да бидеме во шатор, бидејќи тлото на земјата уште се тресеше, уште се чувствуваа и другите земјотреси, но со помал интензитет. Бевме сместени во шатори. Имавме некои грејни тела, а тие грејни тела не можеа да ја постигнат таа топлина, бидејќи температурата во ноќните саати се спушташе некаде меѓу -10 и -15 степени, а од страна на турските власти ни беа дадени ќебиња, душеци и бевме сместени во тој шатор, колку да преспиеме само. После преспивањето, ние бевме на терен. Така што, кога ќе се вратевме да преспиевме веќе не се чувствуваше ни ладното, бидејќи бевме преморени по 12-часовното придружување, појаснува пред камерата на МИА, командирот на ТППЕ – Штип, Коцев.
Тој потенцира дека припадниците на спасувачките тимови, кои беа во разурнатите градови во Турција, откако се вратија во своите градови, мора и задолжително да одат на преглед на психијатар.
– Да, на ваква сериозност – земјотресот и тоа што го видовме секако ќе остане траума, но се надевам, ние како професионална противпожарна единица и професионалци дека по некое време ќе одмине тоа, а на нас во сеќавање ќе ни остане засекогаш. Но, ние мораме да бидеме смирени, нас не чекаат пожари, не чекаат сообраќајки, така што мораме да се фокусираме и на нашата работа, на други катастрофи, потенцира Коцев.
Што се однесува до опремата, која ја користеле за време на трагањето и извлекувањето на тела од под урнатините е современа и ја добиле од Дирекцијата за заштита и спасување. Пожарникарот-спасувач, Смилев забележува дека на терен виделе кучиња-спасувачи, дронови, сонди кои ги користеле спасувачите на турската Агенција за заштита од катастрофи. Според него, од овие професионалци може и многу да се научи.
– Опремата е таа, е сега што имаше дел од спасувачите што имаа кучиња, некои си дронови, имаа и од страна на турските власти со сонди слушалки, коишто ќе ги поставеа во самите урнатини за да се слуша дали ќе има отчукувања на срце – опремата е таа. Опремата за среќа ја имаме и ние. Тие сонди ги немаме, кучињата се конкретно специјализирани за земјотреси и сигурно ја поседуваат таа опрема и кучиња за пребарување на исчезнати, вели Смилев.
Пожарникарите-спасувачи, Коларов и Трендафилов надополнуваат дека засекогаш ќе им останат врежани сликите од спасувачката мисија, но и искуството кое го стекнале додека спасувале.
– Што да се каже, лошо е за гледање, трагични слики. Но, ние бевме испратени од градоначалникот на Општина Штип, тоа ни е работа, ние сме платени за тоа и не се жалиме, нема место да се жалиме, тоа е нашата работа и во секо време излегуваме да помогнеме на секој во државата, на граѓанин посебно, вели Трендафилов.
Коларов вели дека патувањето било малку напорно и биле преморени.
– Да имаше многу жртви, но тоа веќе го имаме поминато. Јас сум во пожарна повеќе од 24-25 години и такви слики имам гледано многу. Сега сепак ова во денот 15-20 мртви се вадат. Вака кога одиме на интервенција се можеби две, три, пет…, бројката е тука голема, надополнува Коларов.
Штипските пожарникари забележуваат дека потребно е постојано да се има обука и тренинг за спасување од земјотреси, поплави и други катастрофи. За разлика од пред две години, кога на пожарите во Кочани, Малешевско-пијанечкиот регион и Гевгелија пожарникарите беа да ги гаснат со стара униформа, опрема и возила, сега овој проблем е решен. Пожарникарите добиле нови заштитни униформи, а старите кои со години ги крпеа ги оставиле на страни, пожарникарските возила меѓу кои и „ФАП-овите“ се заменети со нови возила, од Дирекцијата за заштита и спасување, донации од амбасадите во земјава, но и преку меѓуграничните проекти со соседните земји преку фондовите на ЕУ.
– Рок на употреба на самите заштитни одела си постојат од самите спецификации, мислам пет или шест години се во употреба. Законски и по правила треба да се сменат на секои пет-шест години зборувам за заштитните противпожарни одела. За жал, јас сум 11 години во пожарната немавме, добивме пред две години или лани пред една година. Претходно имавме заштитни одела, но тие беа донација од едно англиско здружение, кое што ни донираше. Буквално таа опрема е тие што ја носат и за да не ја фрлат, по правило таа треба да се фрли, не е за употреба, ама ние сме задоволни и со тоа што ќе ни го дадат бидејќи немавме ништо. Е сега, за среќа имаме, рече Смилев.
Што се однесува за висината на платите на пожарникарите, во моментов се задоволни. Командирот на ТППЕ – Штип, Коцев забележува дека имаат и доволен број на пожарникари, кои интервенираат на подрачјето на општините Штип и Карбинци.
Петтемина штипски пожарникари, кои беа дел од вториот спасувачки конвој ќе добијат и по една просечна македонска плата. За нив овој гест од градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов значи многу и мотивација. Прашани дали доколку треба повторно би заминале во спасувачка мисија, сите едногласно одговараат „Да“.
– Да, да. Нашата работа е како прво хуманост, каде и да треба помош од страна на нас, каде и да треба, ние сме спремни веднаш да тргнеме и да помогнеме без разлика на држава, на нација, без разлика на вера. На крајот сето ова што го видовме, сите овие слики што ги видовме утврдивме дека само сплотеноста, хуманоста е најважна работа само со цел да се помогне на кој било без разлика на вера, нација и држава, порача командирот на ТППЕ – Штип, Коцев.