Акциите на бригадите Касам му помогнаа на Хамас да се здобие со популарност меѓу многу Палестинци
Хамас е во очите на јавноста од 7 октомври, кога неговото воено крило, бригадите Касам, започна напад врз Израел.
Во таа прилика беа убиени околу 1.400 луѓе, а во Газа има повеќе од 200 заложници, меѓу кои не само Израелци, туку и голем број странски државјани.
Израел вети дека ќе го уништи Хамас, палестинската група која владее со Појасот Газа од 2007 година. Во бранот интензивни воздушни напади, повеќе од 7.000 Палестинци беа убиени во Газа.
Откако израелските трупи се повлекоа од енклавата во 2005 година, Израел изврши шест големи напади. Ахмад Џабари, врховен командант на бригадата Касам, беше убиен во воздушни напади во 2012 година.
Што е Хамас и кога е основан?
Хамас е основан во 1987 година од шеикот Ахмед Јасин и неговиот соработник Абдул Азиз ал Рантиси, како огранок на Египетското Муслиманско братство. Врските меѓу двете движења траеја до 2017 година.
Хамас, акроним за Харакат ал Мукавама ал Ислами (Движење на исламскиот отпор), означува ревност.
Се појави за време на Првата интифада против израелската окупација, кога илјадници Палестинци протестираа против илегалната населба и конфискација на земјиштето. По остриот одговор на Израел, Палестинците почнаа да користат камења, а некои групи се вооружија.
Хамас се залагаше за вооружен отпор за ослободување на Палестина и се спротивстави на Договорот од Осло од 1993 година, велејќи дека Израел го искористил договорот за да ги прошири илегалните населби на териториите што ги окупираше во 1967 година.
Во 2006 година групата одлучи да влезе во политичката борба, но промената на власта не помина без проблеми. Фатах, групата која доминираше со палестинските власти, се обиде да ги собори во Појасот Газа, но Хамас дојде на власт во 2007 година.
Како одговор, Израел воведе блокада на копно, море и воздушен простор, па дури и денес одлучува кој и што влегува и излегува од енклавата. Затоа Газа се смета за „затвор на отворено“.
Исмаил Хање, кој имал блиски врски со основачот Јасин, денес го предводи политичкото крило на Хамас.
Според анкетата на палестинскиот центар за истражување на јавното мислење, мнозинството граѓани би сакале тој да ја води Палестина, а не Махмуд Абас или неговата партија Фатах.
Како се формираа бригадите Касам?
Хамас ја основа воената единица во 1992 година за да ги централизира воените дејствија на борците кои водеа војна против Израел во осумдесеттите и деведесеттите години и да донесе одредена структура во нивните редови.
Името е инспирирано од сирискиот проповедник Изедин ал-Касам кој ја водел борбата против британските и француските власти, а откако неговите бунтовници биле поразени, тој заминал во Палестина. Таму формирал групи локални борци кои ги напаѓале британските и еврејските цели. Тој беше убиен од британските власти во 1935 година по неговата наводна вмешаност во убиство на полицаец.
Денес, воен командант на бригадата е Мухамед Деиф, а негов заменик е Марван Иса.
Акциите на бригадите Касам му помогнаа на Хамас да се здобие со популарност меѓу многу Палестинци.
Според ЦИА, таа има од 20.000 до 25.000 членови, иако тоа е дискутабилно, бидејќи изгубиле илјадници војници во битките со Израел.
По повлекувањето на Израел од Газа во 2005 година, Хамас доби можност да го зајакне своето воено крило, а се претпоставува дека Иран дал клучна финансиска помош.
Кои се нивните воени активности?
Еден дел од оружјето се добива преку шверц, друга помош доаѓа од Иран, а одреден дел се произведува и локално, иако сето тоа се базира на претпоставки.
Тие главно се потпираат на ракетни напади, додека неодамна додадоа беспилотни летала во својот арсенал.
Според извештајот на американскиот Стејт департмент од 2021 година, Касам и другите палестински вооружени групи лансирале повеќе од 4.400 ракети таа година. Во 11 дена борби загинаа најмалку 260 Палестинци, како и 13 Израелци.
Извештаите, исто така, велат дека Касам е специјализиран за импровизирани експлозивни направи и ракетни фрлачи, противтенковски проектили и минофрлачи. Она што го прави Хамас посебен е мрежата на подземни тунели низ кои може да се движат неоткриено, а исто така да складираат оружје.
Во случајот со актуелната војна, се претпоставува дека Хамас крие повеќе од 200 заложници од Израел во тунелите. Досега се ослободени само неколку лица.