Шумските пожари продолжуваат да беснеат низ Грција загрозувајќи ги северните предградија во Атина

 – Шумските пожари продолжија да предизвикуваат хаос низ Грција, загрозувајќи одредени северни предградија на главниот град Атина, објавија локалните медиуми.

Пожарот што избувна околу пладне вчера во градот Фили, на 25 километри од центарот на Атина, продолжи неконтролирано да гори и се прошири во многу правци, што доведе до евакуација на повеќе населени места во подрачјето, јави државната телевизија ЕРТ.

Се додава дека главниот фронт на пожарот се приближува до планината Парнита, каде што е лоцирана радарската база на Грчкото воздухопловство.

Во градот Аспропиргос, што се наоѓа на 16 километри северозападно од центарот на Атина и каде што има голема индустриска зона, пожарот уништи или сериозно оштети многу фабрики.

Пожарот, исто така, принуди на евакуација најмалку три населени места во тоа подрачје и доведе до прекин на железничкиот сообраќај во некои делови.

Во североисточниот пристаништен град Александрополис, пожар беснее четврти ден.

Евакуирани се десетици населени места и една болница, а преземени се и мерки за евакуација на градот доколку има потреба.

Во меѓувреме, портпаролот на Националната противпожарна служба, Јанис Артофиос, истакна дека во последните 24 часа избувнале вкупно 93 шумски пожари, од кои повеќето биле веднаш ставени под контрола во нивната почетна фаза.

Тој нагласи дека во земјата наскоро ќе пристигне поголема помош од Европската Унија во делот на механизмот за цивилна заштита.

„Тоа би вклучило и противпожарни авиони и противпожарни возила, како и пожарникари“, додаде тој.

Метеоролошкиот оддел при Националната опсерваторија на Атина соопшти дека 161.874 хектари шумска површина низ целата земја изгореле целосно во периодот меѓу 19 и 21 август.