Министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ во однос на проблемот со енергетскиот систем во регионот, изјави дека состојбата во Србија се уште е стабилна и дека граѓаните немаат причина за загриженост, јави дописникот на МИА од Белград.
Ѓедовиќ Хандановиќ за РТС изјави дека прекинот на струјата што се случи вчера во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Албанија е еден од најголемите прекини во последните 20 години, како и дека ситуацијата е сложена и бара постојана посветеност.
Таа рече дека во Србија очекувале ваква ситуација поради црвениот аларм и дека од средата на готовност се вработените во Електромрежата на Србија и Електростопанството на Србија.
Таа додаде дека северот на Црна Гора „останува во функција благодарение на поврзаноста со српскиот систем“, како и дека Србија обезбедила дополнително снабдување со електрична енергија на земјите од регионот.
Министерката за рударство и енергетика рече и дека минатата година во Србија почнале инвестициите во „нисконапонската мрежа, во дистрибутивната мрежа, оној дел од електроиндустријата со кој секој граѓанин се среќава “, со цел да се зајакне внатрешниот систем.
Зборувајќи за топлото време, таа рече дека секогаш кога температурата ќе надмине 30 степени, потрошувачката на струја се зголемува за 15 до 20 отсто, а претходните денови потрошувачката била и поголема за 20 до 30 отсто.
Ѓедовиќ Хандановиќ затоа апелираше граѓаните да бидат рационални и во лето, како што беше случај во зима кога потрошувачката беше намалена.
Вчера околу пладне без струја останаа речиси цела Црна Гора, делови од Хрватска и Босна и Херцеговина.