Ѓилас: Очекувам дека ќе имаме избори до крајот на оваа година

– Претседателот на опозициската Партија за слобода и правда (СПП), Драган Ѓилас, денеска изјави дека очекува до крајот на годината да се одржат избори во Белград и во Србија, посочувајќи дека граѓаните ќе треба конечно да одлучат дали ќе бидат дел од Европа или ќе продолжат да одат на друга страна, која и да е, јави дописникот на МИА од Белград.

Ѓилас во интервју за весникот Данас, истакна дека „ни требаат избори на кои ќе одлучиме дали сакаме да живееме во општество кое негува демократија, толеранција и владеење на правото, што се основни вредности на европските општества на кои припаѓаме историски, културно, економски, а би требало да припаѓаме и политички“.

– Ќе ја постигнеме оваа голема цел во 2030 година доколку граѓаните ни ја дадат својата поддршка на следните избори, на кои Србија дефинитивно треба да одлучи дали ќе бидеме дел од Европа или ќе продолжиме да одиме на другата страна, кој и да е, изјави тој, истакнувајќи дека црногорскиот пример покажува дека е можно да се смени автократскиот режим, доколку постои консензус за влез во ЕУ.

Како што наведе, ССП „се бори да ја смени оваа власт (Српската напредна партија и Социјалистичката партија на Србија), за да не дојдат на власт екстремисти како Заветниците и Двери.

– Во оваа борба отворени сме за соработка за секој кој верува и е подготвен да работи на проектот Србија во ЕУ до 2030 година. Тоа е мисијата на ССП, точно напишавме како можеме да направиме сè што е до нас за 4 години и да го направиме реалност влезот на Србија во ЕУ, бидејќи без тоа е невозможно да се обезбеди добар живот за граѓаните, нагласи Ѓилас.

Тој порача дека „би сакал да слушне од опозицијата помалку анализи за состојбите, бидејќи луѓето тоа го гледаат, а повеќе предлози за решенија“.