„ЅВЕР“ ОД ШЕСТ ТОНИ: Ова е луксузниот автомобил што Путин му го подари на Ким: За неколку секунди оди од нула до „стотка“ (ФОТО)

Рускиот претседател Владимир Путин му подари луксузен автомобил Аурус од руско производство на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, изјави неодамна портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Севернокорејската новинска агенција КЦНА објави дека Путин на севернокорејскиот лидер му подарил автомобил од руско производство, но моделот не бил прецизиран.

Песков потврди дека се работи за луксузен автомобил од руско производство „Аурус“ , пренесува руската новинска агенција ТАС.

За време на посетата на севернокорејскиот лидер на космодромот Восточни во регионот Амор минатиот септември, Путин на Ким му го покажа „аурусот“.

КЦНА соопшти дека сестрата на Ким, Ким Јо Јонг, и секретарката на Централниот комитет на Работничката партија на Северна Кореја, Парк Јо Јонг го добиле подарокот.

Сестрата на севернокорејскиот лидер истакна дека подарокот е „јасен доказ за посебните пријателски односи воспоставени од лидерите на двете земји и дека тоа е најдобриот можен подарок“. Таа му се заблагодари на Путин за подарокот.

Ким обожавател на скапи автомобили

Двете земји воспоставија поблиски врски откако Ким и Путин се сретнаа во септември и ветија дека ќе промовираат размена во сите области додека нивната меѓународна изолација се продлабочува поради руската војна во Украина и развојот на нуклеарно оружје на Северна Кореја.

Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја соопшти дека внимателно ја следи соработката меѓу Русија и Северна Кореја, повикувајќи ги двете земји да ги почитуваат резолуциите на Советот за безбедност на ОН.

– Санкциите на Советот за безбедност забрануваат директно или индиректно стекнување, продажба или пренос во Северна Кореја на сите транспортни возила меѓународно категоризирани како HS кодови од 86 до 89, без оглед на нивното потекло, вклучувајќи ги и луксузните автомобили – рече портпаролот на министерството Лим Со-сук на прес-конференција..

Се верува дека Ким е страствен ентузијаст за автомобили и има голема колекција на луксузни странски возила, за кои се верува дека биле шверцувани.

Мајбахот и другите во кои тој е виден, вклучително и неколку седани на Мерцедес, Ролс Ројс Фантом и теренец Лексус, се луксузни стоки на кои им е забрането да се извезува во Северна Кореја со резолуциите на Советот за безбедност на ОН.

Се верува дека Северна Кореја ја снабдува Русија со артилерија, ракети и балистички ракети за нејзината војна против Украина. Кремљ ниту демантираше, ниту потврди дека користи оружје од севернокорејско производство. Северна Кореја ги отфрла обвинувањата за испорака на оружје за Русија, што исто така би било кршење на санкциите на ОН.

Руски „ѕвер“ на четири тркала

„Aurus Senat“ е „ѕвер“ во автомобилскиот свет: долг е неверојатни седум метри, тежи дури шест тони и е придвижуван од хибриден V12 мотор од најмалку 600 (а можеби и 800) коњски сили со девет -брзински автоматски менувач . Од нула до „стотка“ „Сенатот“ пристигнува за само шест секунди, додека максималната брзина е ограничена на околу 250 километри на час. Гумите „аурус“ се специјално направени за претседателот на Руската Федерација, а дури и да се оштетат или да изгубат притисок, возилото сепак може да продолжи да се движи благодарение на специјалните внатрешни потпори.

За потребите на рускиот претседател „аурус сенатот“ е опремен според највисоките стандарди на заштита, а неговата каросерија е неуништлива во случај на какви било непредвидени околности или обиди за непријателски напади, пишува RT. Автомобилот е блиндиран од сите страни, резервоарот е заштитен со специјална технологија за спречување на евентуално истекување на гориво, а возилото има и излез во случај на опасност или блокирање на вратата. И патниците во возилото се заштитени од труење со опасни гасови благодарение на системот за дистрибуција на свеж воздух во внатрешноста, а лимузината има свој систем за гасење пожар.

Интересно е и тоа што е оневозможена синхронизацијата на мултимедијалните уреди на „сенатот“ со паметните телефони – се со цел да се заштитат податоците и да се спречи „хакирање“ на системот. На порталот на дилер на автомобили е наведено дека има вкупно дури 14 специјални безбедносни компоненти.