Јавен повик во Охрид за финансирање проекти од областа на туризмот и локалниот економски развој

Општина Охрид објави јавен повик за финансирање проекти од областа на одржливиот локален економски развој и туризмот за тековната 2023 година.

Целта, како што е наведено во повикот, е зајакнување и поддршка на локалниот економски развој и туризмот, обезбедување на поцелосно застапување на конкретни локални/регионални интереси преку зајакнување на локални/регионални иницијативи и поврзување на засегнатите страни на локално/регионално ниво.

Интенција на поддржаните проекти е да се создадат конкурентни туристички производи, подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во заедницата и развивање на свеста за економската важност, социјалните и другите ефекти од туризмот, како и потребата и важноста од зачувување и подобрување на сите елементи на туристичката ресурсна база на охридската туристичка дестинација, а особено заштитата на животната средина како и природното и културното наследство во согласност со принципите на одржлив развој и препораките на УНЕСКО.

Вкупниот износ за овој повик изнесува 950 илјади денари од кои 450 илјади за проекти од програмата за поддршка на локалниот економски развој, а 500 илајди за проекти од програмата за поттикнување на развојот на туризмот. Максималниот износ за подршка на секој избран проект изнесува 150 илјади денари, а за сите проекти задолжително е кофинансирање во износ од најмалку десет проценти од вкупната вредност на проектот.

Кандидати кои можат да аплицираат се здруженија на граѓани и месни и урбани заедници со седиште во Општина Охрид како матична општина каде ќе се спроведуваат проектните активности. Истите да се регистрирани најмалку две години пред објавата на повикот.

Крајниот рок за прием на пријавите е 31 март.