Јамал ја открива реченицата што му го променила животот: „Одам на училиште, но нема да правам ништо“

Ламин Јамал е највредниот фудбалер во светот, со вредност од неверојатни 200 милиони евра. Јамал често ги освојува насловните страници поради своите фантастични настапи на фудбалскиот терен, но и поради работи што немаат никаква врска со фудбалот.

Овојпат, младиот Шпанец во интервју за „Марка“ зборуваше за своите почетоци во Барселона, но и за приватни работи.

„Тренирав со младинскиот тим, а потоа ми беше кажано дека ќе играм за првиот тим. Постигнав два гола на тренинг, а братот на Чави се прашуваше како е можно да бидам толку смирен со оглед на тоа што никогаш не сум играл на највисоко ниво. Недолго потоа добив повик, но дебитирав дури една година подоцна против Бетис“, рече Јамал.

Тој натпревар се одигра на 29 април 2023 година, а Барселона триумфираше со 4:0 со головите на Кристенсен, Левандовски и Рафиња, а конечните 4:0 ги постави Родригез со автогол. Јамал влезе во игра во 83-тата минута и одигра 10 минути во дресот на Каталонците.

„Моите родители секогаш ми велеа дека сакаат да учам и дека не можам да играм фудбал додека не ги завршам моите обврски. Ги слушав, но откако се запишав во Ла Масија ѝ реков на мајка ми: „Одам на училиште, но нема да правам ништо бидејќи се подготвувам за тренинг“. Тие видоа дека мојот сон е да станам фудбалер и на крајот ме поддржаа“, изјави напаѓачот за „Марка“.

Во три лигашки настапи во новата сезона, Јамал постигна два гола и запиша три асистенции, а младиот Шпанец е еден од главните кандидати за Златната топка оваа година.