Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека не очекува да има недостиг од наставници во основните училишта по донесувањето на новиот Закон за основно образование.
Според новите одредби во законот, наставниците кои дипломирале педагози ќе можат да предаваат од прво до трето одделение, а оние кои завршиле факултет за наставници од основните училишта ќе можат да работат од прво до петто одделение.
Овие измени предизвикаа реакции кај дел од наставниците, кои се загрижени дека може да останат без настава и затоа започнаа петиција за враќање на претходното законско решение.
Сепак, Јаневска нагласи дека МОН има направено детални анализи и не очекува недостиг од наставници бидејќи и тие ќе имаат можност да работат во дневните центри.
Таа нагласи дека анализите продолжуваат и доколку се утврди дека има недостиг од наставници во основното образование, пратениците ќе можат да предложат измени на Законот за основно образование.