Јапонскиот премиер Фумио Кишида денеска ја оцени за „скандалозна“ хомофобичната изјава на еден од неговите секретари, Масајоши Араи, што укажува дека тој може да размисли за негово разрешување.
Араи на новинарите вчера им изјави дека „не сака ни да ги погледне хомосексуалните двојки“ и дека не би сакал такви двојки да живеат во неговото соседство, соопшти јапонската државна телевизија NHK.
-Луѓето ќе ја напуштат земјата доколку дозволиме хомосексуални бракови, додаде Араи.
Кишида денеска изјави дека Јапонија сака инклузивно општество и ја препознава различноста.
-Коментарите на секретарот се целосно неконзистентни со нашата политика и се скандалозни, рече јапонскиот премиер и додаде дека ќе преземе строги мерки против него.
Кишида, меѓутоа, во средата во парламентот изјави дека истополовите бракови ќе „влијаат врз општеството“ и дека пратениците треба да бидат „исклучително внимателни во разгледувањето на ова прашање“.
Араи уште синоќа се извини за гафот, додавајќи дека неговата изјава е несоодветна, иако е тоа е негово лично мислење.
Јапонија е единствената нација во групата Г7, седум најиндустриски развиени земји, која не ги признава хомосексуалните заедници.
Јапонскиот Устав од 1947 година вели дека „бракот се заснова исклучиво на взаемна согласност на двата пола“ и „со еднакви права на мажот и жената“.