“ЈАС СУМ ЗА ПРАВДАТА БЕЗ РАЗЛИКА ЗА КОГО Е И ПРОТИВ КОГО Е“ – Весна Дамева се врати на чело на Судскиот совет: “Пресудата на Управниот суд е првиот чекор напред“
Во 2023 година имаше непријатна состојба во Судскиот совет и јас се надевам дека 2024 година ќе биде година во која што сите членови на Судскиот совет поединечно и во состав на Судскиот совет ќе најдат начин да ја санираат таа состојба, односно да покажат дека можат да се движат по оној трасиран пат на Советот, исполнувајќи ги основните заложби, изјави Весна Дамева, која од денес повторно се врати на чело на Судскиот совет, откако Управниот суд со пресуда ја поништи одлуката за нејзиното разрешување.
Пресудата на Управниот суд, според Весна Дамева, е првиот чекор напред, којшто влева надеж дека правдата е достижна.
„Длабоко се надевам и очекувам дека ова ќе биде и почетокот за враќање на довербата на граѓаните во судството. Нашата работа и сите заложби ќе останат декларативни ако правдата не е видлива и ако граѓаните не може да ја почитуваат правдата. Јас сум за вистината без оглед кој ја кажува. Јас сум за правдата без разлика за кого е и против кого е“, нагласи Весна Дамева.
Според Весна Дамева, ако целта на критиката е во насока на подобрување на одредени состојби и надминување на одредени слабости, таа критика мора и треба да биде прифатена подеднакво и позитивно од сите нас.
„Би сакала да ја истакнам и поддршката што ни беше дадена од страна на ЕУ преку Извештајот којшто беше изготвен од страна на Оценската мисија во кој се детектирани сите состојби и слабости на Судскиот совет и верувам дека истиот на сите членови подеднакво ќе ни биде патоказ за постапување и понатамошно однесување во Судскиот совет“, изјави Весна Дамева.
Во однос на одлуките што досега се донесени, Весна Дамева вели дека и ова прашање ќе биде предмет на анализа на Судскиот совет и посочи дека Судскиот совет е колективно тело и одлуките го носи колективно и во тој дел не очекува било какви дилеми.
Прашана какво однесување очекува од колегите, Весна Дамева вели дека грешката е направена, но исправена со пресуда од Управниот суд.
„Не очекувам од ниту еден член на Судскиот совет и не би сакала да верувам, дали на тивок начин или гласно, ќе ја опструираат работата на Судскиот совет, бидејќи ова не е парламент да има тивок бојкот. Ова е Судски совет и има предвидено начини и механизми и активности што треба да ги спроведува и очекувам Судскиот совет и понатаму да продолжи да работи без било какви опструкции, а секое опструирање на работата, секое непостапување и недоаѓање на седници си има пропишано законска процедура и понатаму ќе се санкционира“, вели Весна Дамева.
Легитимитетот на Судскиот совет, според Весна Дамева, не е донесен во прашање, бидеќи не сите заеднички ја донеле одлуката за нејзино разрешување и порача дека има законска постапка и начин како се разрешува во Судскиот совет.
„Секој член на Судски совет е подложен на разрешување, меѓутоа тоа значи законска спроведена постапка и начин утврден во закон“, изјави Весна Дамева.