Њујорк се соочува со невидено загадување на воздухот од шумските пожари во Канада

Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, во средата предупреди дека чадот што се издига над градот е настан без преседан и ги повика њујорчаните да „преземат мерки на претпазливост“ додека ги извршуваат нивните секојдневни активности.

Загадувањето од шумските пожари кои беснеат низ Канада со недели прекри големи делови од Северна Америка, вклучително и Њујорк, во САД, каде што се издадени предупредувања за високоризичен квалитет на воздухот за десетици милиони луѓе, јавува Анадолија.

Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, во средата предупреди дека чадот што се издига над градот е настан без преседан и ги повика њујорчаните да „преземат мерки на претпазливост“ додека ги извршуваат нивните секојдневни активности.

Индексот на квалитетот на воздухот во четвртокот наутро изнесуваше 222 и беше оценет како „многу нездрав“.

Сите пет градски општини се под предупредување за квалитетот на воздухот. Градот ги повикува сите жители да ја ограничат изложеноста на отворено, а чувствителните категории да останат внатре.

„Ова не е ден да тренирате за маратон или да имате настан на отворено со вашите деца. Останете внатре, затворете ги прозорците и вратите и користете прочистувачи на воздух доколку ги имате“, рече Адамс.

Училиштата се уште се отворени, но сите активности на отворено се откажани.

Црвенкаста магла го прекри небото над Менхетен во средата навечер, правејќи ги главните знаменитости како Емпајер Стејт Билдинг едвај видливи.

Повеќе од 400 шумски пожари се активни во Канада, а се верува дека 249 се надвор од контрола.

„Од почетокот на 2023 година, во Канада имало 2.214 шумски пожари, а изгореле околу 3,3 милиони хектари“, изјави канадскиот министер за јавна безбедност Бил Блер.