Џафери: Граѓаните да не подлегнуваат на манипулации, пасошите не се регулираат по принципот на возачките дозволи
– Претседателот на техничката Влада Талат Џафери ги повикува сите политички субјекти и претседатели на партии во државата, во пресрет на изборите, да се водат исклучиво од државните и граѓанските интереси, да не наштетуваат на меѓународните позиции на државата и да не ги доведуваат во заблуда граѓаните со манипулации и невистини, соопшти владината прес-служба.
– Прашањето околу употребата на уставното име на државата во патните исправи е регулирано со Уставот на Република Северна Македонија и е дел од меѓународен договор. Оттука, несериозен, популистички и исклучиво во партиски интерес е наводниот повик да се поддржи законско решение со коешто би се продолжила важноста на патните исправи, по примерот на решението со возачките дозволи. Повиците за непочитување на Уставот на Република Северна Македонија и за непочитување меѓународни договори нанесуваат штета пред сѐ на граѓаните, со тоа што се доведуваат во заблуда, но и на меѓународниот углед на државата, се наведува во повикот на Џафери.
Владата, како што се посочува, го презеде потребното и возможното и на вчерашната седница донесе одлука со којашто се овозможува бесплатна замена на важечките возачки и сообраќајните дозволи за граѓаните, како и овозможување издавање без надомест на патните листови за сите државјани кои живеат надвор од државата, а имаат потреба да се вратат за да извадат патни исправи.