Надал: Во последен момент ќе донесам одлука за настап во Доха

 Рафаел Надал, некогашниот тенисер број еден во светот, сепак би можел да го одложи враќањето на терените.

Шпанецот е пријавен за турнирот во Доха следната недела, но според последните информации, тенисерот би можел да го пропушти.

И покрај тоа што во последно време интензивно тренира, Надал почувствувал непријатност во пределот на колкот, па може превентивно да го откаже учеството во Доха.

Тоа практично го потврди и во краткото интервју за „Ел Објективо“.

– Последниве недели чувствувам непријатност. Во овој момент секој удар, секоја повреда е чекор назад, не само во тенисот и физички, туку и психички. Верувам дека ќе бидам 100 проценти подготвен за Индијан Велс, тоа е многу посебен турнир за мене. Не знам дали тоа ќе биде последен пат да играм таму, но шансите се таму, па би сакал да бидам во Индијан Велс, изјави Надал.

Што се однесува до Доха, ситуацијата е поинаква за Надал.

– Доха е прва во мојот календар, потоа Индијан Велс. Точно е дека Доха е се поблиску. Би сакал да бидам таму, но… Ќе донесам одлука за тоа во последен момент, заклучи тој.

Тенисерот од Манакор не сака да направи грешка и пред време да се врати на теренот.

Рафа на почетокот на годината играше во Бризбејн, таму стигна до четвртфиналето, а потоа беше принуден да го откаже учеството на Австралија опен.