Џафери: Да продолжиме по вистинскиот пат и заедно да напредуваме!

Претседателот на Владата на Република Македонија, Талат Џафери, упати честитка за прославата на Рамазан Бајрам до поглаварот на Исламската верска заедница, Реисул Улема Х. Шаќир еф. Фетаи, како и за членовите на Ријасет, муфтии и верници од исламска вероисповед, пренесува Телеграф Македонија.

„Рамазан Бајрами, посакувам да донесе здравје, мир, благосостојба и хармонија во душата, во семејството, во државата. Тоа е празник кој ги обединува семејствата, роднините, пријателите, соседите низ вековите, пренесувајќи ја вредната порака дека само заедничката среќа носи вистинска среќа. Тоа е празник кој поттикнува солидарност и духовна сила кај луѓето за меѓусебно почитување, трпение и разбирање, како единствен пат до посакуваниот мир. Затоа, да правиме добри дела, да бидеме секогаш еден до друг и со подадена рака еден кон друг, заедно да напредуваме“, рече тој.

Исто така, премиерот Џафери вети поддршка од Владата за изградба на заедничка држава, обезбедување на правата и обврските на сите заедници во земјата и продолжување на работата за стабилност и успех на мултиетничката држава во регионот.