Претседателот на Собранието Талат Џафери оствари средба со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, на која изразиле очекување дека Македонија наскоро ќе стане земја-членка на ЕУ, покажувајќи спремност и визија сите политички фактори во земјата да придонесат во светлата иднина на граѓаните на оваа земја, на сегашните и идните генерации.
Како што информираат од собраниската прес-служба, на средбата присуствувале и потпретседателите на Собранието, Горан Мисовски и Хусни Исмаили, амбасадорот на Северна Македонија во НАТО, Дане Талески, координаторите на пратеничките групи на СДСМ, Јован Митрески, на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на ДУИ, Арбер Адеми, на Алијанса за Албанците, Атнан Незири и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.
Претседателот Џафери, во име на пратениците на Собранието, му посакал добредојде во законодавниот дом на Столтенберг и му се заблагодарил за негувањето на посветен однос кон секоја земја-сојузник во Алијансата, но и кон земјите аспиранти.
Тој го информираше соговорникот за преземените и реализираните обврски на државата како НАТО сојузник во солидарната и воена помош кон Украина, за приклучувањето кон санкциите кон Русија, како и кон осудата на територијалните претензии и анексијата на Крим од страна на Русија.
Нашето Собрание беше меѓу првите кое формираше Интерпартиска парламентарна група за поддршка на Кримската платформа, преку чии активности даваме безрезервна поддршка и на меѓупарламентарен план, се наведува во соопштението од Собрание.
Генералниот секретар Столтенберг се заблагодарил на укажаната можност да сподели видувања за актуелните безбедносни предизвици, сега кога се очекува од сите НАТО сојузници цврсто да стојат рамо до рамо заедно во овој непредвидлив свет, за да се заштитат и одбранат од напади. Упатил честитки до нашата земја за храброста и визијата што доведе до нејзино полноправно членство во НАТО, што овозможи не само безбедност за нејзините граѓани, туку и економска стабилност и раст на државата. Ја пофалил Северна Македонија за солидарната помош за Украина, за обезбедувањето на 2 отсто од БДП за одбраната, како и за придонесот кон НАТО мисиите, кој е високо вреднуван од страна на сите НАТО сојузници.