Џафери на средба со претстаници на ЗНМ и на неколку меѓународни новинарски организации: Треба да го продолжиме напредокот во медиумските слободи
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска остварил средба со претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и на неколку меѓународни новинарски организации.
На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, се дискутирало за напредокот на земјата во однос на слободата на медиумите, за активностите што се преземаат во Собранието во насока на дополнително подигање на нивото на транспарентност и отчетност и за законите и процедурите што се однесуваат на новинарите и медиумите, како и за вклученоста на новинарските здруженија во нивното донесување.
Претседателот Џафери потенцирал дека веднаш се огласил на барањето за средба, со оглед на неговите континуирани заложби за целосна отвореност на Собранието кон јавноста и за постојана комуникација со новинарите, преку доследно почитување на слободата на говорот и мислата и на независноста на медиумите.
– При тоа, тој нагласи дека ги перципира новинарите како партнери во развојот на демократските процеси во земјата, за што е неопходно јакнење на транспарентноста на највисоките државни институции и постојан дијалог меѓу новинарите и носителите на државни функции. Во таа насока, претседателот на Собранието говореше за практиката воведена од негова страна за одржување на редовни месечни брифинзи со собраниските известувачи, на кои информира за завршените, тековните и планираните обврски и активности во законодавниот дом. Тој, исто така посочи дека, во интерес на јавноста и граѓаните, сите јавни информации што се однесуваат на работата на законодавниот дом редовно се објавуваат и ажурираат на веб страницата на Собранието, се наведува во соопштението.
На средбата, било поздравено донесувањето на измените на Кривичниот законик, со цел поголема безбедност и сигурност на медиумските работници, како регулатива што беше подготвена во соработка со ЗНМ, а која овозможува евентуалните напади врз новинари да се третираат како напад врз службено лице. Се разговарало и за можностите за формирање на фонд за поддршка на медиумите, како еден од механизмите што би обезбедил поголем плурализам во медиумската сфера. Посебно бил истакнат фактот дека, Северна Македонија напредува во однос на слободата на медиумите, така што се искачила на 38. место според индексот на „Репортери без граници“, за што, како што стои во соопштението, Џафери посочил дека во иднина треба да се вложат напори тој напредок да продолжи и понатаму да се унапредува.
Овој состанок е во рамки на „Fact Finding“ мисијата на Здружението на новинари на Македонија, чија цел е подобро разбирање на медиумската ситуација во земјата, со експертизата на претставници на кредибилни меѓународни организации, кои изминативе неколку дена остваруваат средби со клучните институции во земјава.