Џафери: Парламентите имаат клучна улога во остварувањето на човековите права на национално ниво

Парламентите имаат клучна улога во остварувањето на човековите права на национално ниво. Преку своите законодавни, надзорни и буџетски овластувања, тие треба да обезбедат заштита и унапредување на човековите права за сите. Со својата контролна улога врз спроведувањето на владините политики, парламентите обезбедуваат усогласеност со преземените меѓународни обврски, истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска на настанот на тема „Придонесот на Парламентот во работата на Советот за човекови права на ОН и Универзалниот периодичен преглед“ што се одржа во организација на Парламентот и Обединетите нации во Северна Македонија. 

Улогата на парламентите, како што посочи Џафери, е од суштинско значење и за преточувањето во националното законодавство на препораките што произлегуваат од меѓународните механизми за човекови права, вклучително и Универзалниот периодичен преглед, кој претставува еден од позначајните механизми на Советот за човекови права на Обединетите нации за преглед на исполнувањето на обврските во областа на човековите права на секоја држава членка на Обединетите нации.

-Парламентите се природни партнери на Советот за човекови прaва на Обединетите нации, а оваа врска е препознаена и во резолуциите на Советот за улогата на парламентите. Тие можат активно да се вклучат во секоја фаза од процесот на Универзалниот периодичен преглед. Парламентите и парламентарците може да дадат свој придонес во подготовката на националниот извештај и да ја охрабрат Владата да спроведе широк процес на консултации, рече претседателот на Собранието.

Во рамките на презентацијата на националниот извештај пред Советот за човекови права на ОН, како што посочи, пратеници од соодветните комисии можат да учествуваат на седницата на Советот, како дел од државната делегација.

-По одржувањето на интерактивниот дијалог со Советот за човекови права и добивањето на извештајот и препораките, парламентите се тие што треба да ги спроведат потребните законодавни и буџетски усогласувања. И на крај, парламентите, а особено парламентарните тела за човекови права, можат да го следат и контролираат спроведувањето на препораките добиени во текот на Универзалниот периодичен преглед, додаде Џафери.

Тој истакна дека Република Северна Македонија има спроведено три циклуси на Универзалниот периодичен преглед и тоа во 2009, 2013 и 2019 година. За жал, како што додаде Џафери, Собранието на Република Северна Македонија досега не беше вклучено во подготовката и презентацијата на националните извештаи, ниту во следењето на исходот од добиените препораки и доброволно преземените обврски за унапредување и заштита на човековите права.

-Согласно четвртиот циклус на Универзалниот периодичен преглед, земјава треба да го достави својот национален извештај до февруари 2024 година, а интерактивниот дијалог со Советот за човекови права ќе се одржи во април, или мај 2024 година во Женева. Денешниот настан претставува прв чекор во активното вклучување на Собранието на Република Северна Македонија во процесот, кој треба да е објективен, транспарентен, сеопфатен и инклузивен, со вклучување на што е можно повеќе институции и претставници од граѓанскиот сектор. Верувам дека ова нема да остане само на овој прв чекор, туку во иднина ќе можеме редовно да придонесуваме за оваа обврска, нагласи во обраќањето Џафери.

На настанот се обратија и постојаната координаторка на ОН, Росана Дуџaк, координаторт во Одделот за УПП нa Канцеларија на Високиот комесар за човекови права на ОН, Сепиде Мохаџер, претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието, Халил Снопче и претседателката на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, Гордана Силјановска-Давкова.