Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, го прими на средба специјалниот пратеник на претседателот на Азербејџан, Елчин Амербајев.
Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, го прими на средба специјалниот пратеник на претседателот на Азербејџан, Елчин Амербајев, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Кабинетот на претседателот на Собранието на Северна Македонија, на средбата со Амербајев, Џафери од име на Собранието и од негово лично име упати поздрави до претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, и до претседателката на Парламентот на Азербејџан, Сахиба Гафарова. Џафери воедно се заблагодари за нејзината покана да го посети Азербејџан во наредниот период.
Џафери изрази уверување дека во наредниот период заедно со Азербејџан ќе се работи на зајакнувањето и интензивирањето на билатералната комуникација, како со средби на највисоко ниво така и на парламентарните групи за соработка на двете земји.
Тој ги потенцираше можностите за зголемување на економско-трговската соработка која, според него, сè уште е на незадоволително ниво иако има голем потенцијал за подобрување.
Исто така, Џафери ја искажа заинтересираноста на Северна Македонија за соработка на полето на енергетиката и приклучување кон ТАП-Транс-Јадранскиот гасовод, за што рече дека имаат силна поддршка и од ЕУ.
„Во рамките на нашето претседавање со ОБСЕ оваа година го поддржуваме мирното решавање на конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија во регионот на Нагорно Карабах и надминувањето на блокадите на Коридорот Лачин“, рече Џафери.
Специјалниот пратеник на претседателот на Азербејџан, Амербајев, се заблагодари за можноста да биде гостин во Собранието на Северна Македонија, што воедно претставува и негова прва посета на Северна Македонија.
Тој ги пренесе поздравите од претседателот Илхам Алиев до Северна Македонија и до Собранието.
Амербајев нагласи дека неговата агенда е во насока на давање придонес кон зајакнувањето и интензивирањето на пријателските односи меѓу двете земји, како и подетално запознавање на Џафери со безбедносната ситуација во неговата земја и тековните преговори меѓу Азербејџан и Ерменија, за ставање крај на долгогодишниот конфликт меѓу двете земји со постигнатата согласност околу точките на мировниот процес и очекувањата од неговото имплементирање.
„Целосно се согласи со претседателот Џафери дека во наредниот период треба да се вложат заеднички напори за зајакнување на соработката на сите полиња, особено на економски план и на планот на развој на авиосообраќајот и туризмот меѓу двете страни. Се осврна и на значењето кое го има Западен Балкан за Азербејџан на полето на енергетската поврзаност со гасоводните коридори кои поминуваат низ повеќе земји“, се вели во соопштението.