Џафери: Со сегашната динамика до изборите има време за вадење нови документи, доколку останат граѓани без документи Владата ќе има соодветна одлука
Техничкиот премиер Талат Џафери денеска изјави дека МВР ја интензивирало динамиката во однос на вадењето лични документи со новото име и според него ако оваа динамика продолжи, до изборите оние граѓани кои немаат документи со новото име тоа би можеле да го завршат до почетокот на изборите. Џафери додаде дека тоа е процедурата, а граѓаните, како што рече самите треба да го иницираат процесот и доколку до почетокот на изборите има такви кои немаат документи со новото име, тогаш обврска на Владата е да излезе со соодветна одлука, што и како ќе постапи.
Џафери ова го одговори на денешната прес-конференција во врска со организацијата на изборите и како планираат да го надминат проблемот со граѓаните, кои се уште немаат важечки документи со новото име.
-Статистиките, кои што дадов задача, да се прават на дневна основа со податоци од МВР зборуваат за следново. Од 1. јануари до 29 февруари 2024 година вкупно за патни исправи – пасоши има 123.983 барања , од кои изготвени се 95.267. Ова е показател за динамиката на работа, за еден месец од 124.000 издадени се 92.002 патни исправи. За лични карти примени се 82.235 барања, од кои се изготвени 71.410. За возачки дозволи примени се 46.280 барања, од кои се изготвени 39.552. Имајќи предвид дека има уште 50 дена до изборите со оваа динамика, стоте илјади граѓани кои немаат документи, што се појавува како информација, во текот на март месец можат сите да се опремат со соодветни документи, но првенствено и самиот граѓанин треба да го иницира барањето. За да имате документ треба вие да побарате. Значи, тоа е процедурата. Е сега, што евентуално ако дојдеме во ситуација определен број на граѓани тоа да го немаат, а тоа е тема за размислување за нас, и имајќи предвид дека има време секој да иницира прво да дадеме предност на правото на граѓанинот да иницира навремено соодветно барање за документ, а од потоа наша обврска е да излеземе со соодветна одлука што и како да постапиме, изјави Џафери.
Техничкиот премиер рече дека тој лично не преферира да говори хипотетички, туку сака да излезе и да каже дека нешто е решено.
-Јас преферирам да излезам и да кажам, да овој проблем го решивме, оној проблем го решивме, како што впрочем прва работа што ме чекаше беа протестите, односно штрајкот на ФЗОМ, го решивме, прашањето на школото во Чашка, го решивме, не зборував како ќе го решам, го решивме. И тоа е работа за која не сакам сега хипотетички да зборувам што ќе правам, како ќе го направам, туку кога ќе го направам навремено ќе бидете информирани сите дека оваа работа е направена, рече Џафери.
Техничкиот премиер додаде дека од таа причина ги посетил и вработените во СВР-Тетово, настан кој предизвика реакции во јавноста, но и од техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој во интервју за МИА рече не доликува на еден премиер така да се однесува во систем каде има хиерархија.
-И од таа причина беа фамозните посети, дали имам право или немам право да одам, јас имам право да одам во последната канцеларија, која што е во надлежност на Владата. Тоа право го имам по хиерархија. Ако сум првиот одговорен, тогаш сум и првиот надлежен да извршам контрола на функионирањето на институциите, за кои сме одговорни и надлежни, така што тоа си ги покажа своите резултати, потоа со работата на службите таму кои треба да работат, рече Џафери.