Џафери- Хаџијев: Црноморската економска соработка нуди можности за продлабочена економска поврзаност меѓу Европа и Азија
Претседателот на техничката Влада Талат Џафери, денеска имаше средба со генералниот секретар на Парламентарното собрание на Црноморската економска соработка, Асаф Хаџијев.
Како што информираат од Владата, премиерот Џафери изразил задоволство од продолжувањето на воспоставениот дијалог со Парламентарното собрание на Црноморската економска соработка.
Џафери го истакнал значењето на организацијата за Црноморската економска соработка и изразил задоволство од придобивките од досегашното четиригодишно членство на Северна Македонија, за кое оценил дека не значи само членство во структурите на организацијата, туку и можност за продлабочена економска поврзаност меѓу двата континенти, како и трите различни региони – Балканот, Кавказот и Црното Море.
Во таа насока, се осврнал на клучните стратешки проекти кои придонесуваале за поголема поврзаност и интегрираност на регионот.
Генералниот секретар Хаџијев, му го честитал на Џафери стапувањето на новата функција, изразувајќи задоволство и очекување за натамошен континуитет во воспоставениот добар и редовен дијалог.
Хаџијев истакнал дека поради својата географска локација Северна Македонија е клучна земја за Црноморската економска соработка, а членството во НАТО и започнатата интеграција во ЕУ даваат значајна дополнителна, политичка и безбедносна димензија која е добредојдена за зголемена економска динамика.