Џенкинс: САД ја повикуваат Русија да остане во договорот „Нов СТАРТ“

Американската потсекретарка за контрола на вооружувањето Бони Џенкинс ја критикуваше Русија за суспендирањето на учеството во последниот преостанат договор за нуклеарно оружје, но кажа дека Вашингтон, сепак, ќе работи со Москва за да продолжи со спроведувањето на договорот.

-Русија уште еднаш му покажа на светот дека не е одговорна нуклеарна сила, рече Џенкинс, една од највисоките американски функционери за контрола на оружјето на Конференција за разоружување – меѓународен форум на Обединетите нации, пренесе Бета.

Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела во годишниот говор за состојбата на нацијата соопшти дека неговата земја ќе го суспендира своето учество во договорот „Нов СТАРТ“, што Русија и САД ги обврзува на редовна комуникација во врска со статусот на нивните нуклеарни арсенали, дозволи за редовни инспекции на тие арсенали и да нема повеќе од договорениот максимален број на оперативни и неоперативни боеви глави.

Русија не се повлекува од договорот што важи до 2026 година, но Путин кажа дека „Русија не може да прифати американски инспекции на нејзините локации за нуклеарно оружје додека Вашингтон и неговите сојузници во НАТО се залагаат за пораз на земјата во Украина“.

Инспекциите не се спроведуваат од 2020 година поради пандемијата со Ковид-19, а разговорите за нивно обновување требаше да почнат во ноември минатата година, но Русија нагло го откажа учеството во нив.

-Остануваме подготвени да работиме напорно со Русија за целосно спроведување на договорот „Нов СТАРТ“, а неговата континуирана имплементација се заснова на најдобриот интерес на двете страни, рече Џенкинс.

Путин суспензијата на спроведувањето на договорот ја најави во пресрет на првата годишнина од руската инвазија на Украина.