Џерард одби да тренира саудиски прволигаш

Англискиот фудбалски стратег Стивен Џерард објави денеска дека не сака да биде тренер во Саудиска Арабија, откако понуда на негова адреса дојде од прволигашот Ал Итифак во чии редови настапува и македонскиот репрезентативец Дарко Велковски.

„Ја анализирав понудата и потенцијалното заминување за Саудиска Арабија, но ми се чини дека од тоа нема да има ништо“, изјави 43-годишниот Џерард за британските медиуми.

Легендарниот фудбалер на Ливерпул и репрезентацијата на Англија од крајот на минатата година е без тренерски ангажман, откако ја напушти клупата на премиерлигашот Астон Вила.

Во својата кратка тренерска кариера, Џерард претходно ги водеше младинските категории на Ливерпул, а потоа и шкотски Глазгов Ренџерс.