15-годишно момче од Бугарија пронајдено мрвто во Шпанија: Украл чамец со двајца пријатели, цели 20 дена го немало никаде, а причината за смртта е мистерија

Телото на Иво Петров (15 г.) од Бугарија е извлечено од водата во лагуната Мар Менор во Шпанија, откако наводно се превртел од чамец што го украл со двајца млади пријатели.

Момчето исчезнало на 5. јануари кога запловило во чамец со двајца млади момчиња.

Според шпанските медиуми, телото на Иво Петров било пронајдено на длабочина од пет метри, на околу километар и половина од пристаништето Лос Алкарез.

На 5. јануари околу 02:30 часот граѓаните пријавиле во спасувачките служби дека слушнале повици за помош од морето.

Како што се испоставило, Иво Петров го украл чамецот со две локални момчиња Хозе Давид (17 г.) и Франциско Хавиер Медина (22 г.). Почнале да пловат кон отворено море, кога чамецот, наводно, се превртел.

Според двете момчиња, тие успеале да испливаат на површината, но Иво Петров останал под вода. Момчињата подоцна им кажале на спасувачите дека Иво Петров не знаел да плива.

Повеќе од 20 дена стотици припадници на цивилната гарда, нуркачи, хеликоптери и чамци го барале несреќниот Иво Петров.

Серџо Марко, адвокатот на семејството на младиот Бугарин, за локалните медиуми изјавил дека роднините денеска ќе одат во Институтот за судска медицина за да го идентификуваат телото.

Сепак, според адвокатот, остануваат да се разјаснат многу прашања, меѓу кои и зошто биле потребни дваесетина дена да се најде телото на младиот Иво Петров.

Обдукцијата треба да ја открие причината за смртта на момчето. Според роднините, момчето не настрадало во несреќа, но се сомневаат дека зад неговата смрт стои нешто друго.