4 деца пронајдени живи во џунгла 15 дена по авионската несреќа, меѓу нив и бебе

Четири деца, меѓу кои и 11-месечно бебе, се пронајдени живи повеќе од две недели откако авионот со кој патуваа се урна во густа џунгла во колумбиската провинција Какети. Децата биле спасени од припадници на војската, пожарникари и претставници на цивилната авијација по двонеделна потрага.

Спасувачите, поддржани од кучиња трагачи, претходно пронашле фрлено овошје кое децата го јаделе за да преживеат, како и импровизирани засолништа направени од вегетација од џунгла. Несреќата се случила на почетокот на мај, кога авионот „Цесна 206“, во кој се превезувале седум лица меѓу Аракуара, провинцијата Амазонас и Сан Хозе дел Гуавијаре, град во провинцијата Гуавијаре, се урна во џунглата. 

Во несреќата загинаа тројца возрасни лица 

Во несреќата загинале тројца возрасни, меѓу кои и пилотот, а нивните тела биле пронајдени во авионот. Четири деца на возраст од 13, девет и четири години, како и едно 11-месечно бебе, кои припаѓаат на домородното население Уитото, ја преживеале авионската несреќа. 

„По макотрпна потрага на војската, најдовме живи четири деца кои исчезнаа по авионската несреќа во Гуавијаре“, објави колумбискиот претседател Густаво Петро во објава на Твитер. Џунглата е многу густа и опасна во таа екстремно оддалечена област, а потрагата беше отежната поради присуството на диви животни, дрвја високи и до 40 метри и обилните дождови. 

Причините за несреќата се уште не се утврдени. Според цивилната заштита, пилотот пријавил проблеми со моторот на авионот пред да исчезне од радарот.