Европската комисија објави дека од 399 онлајн продавници на трговци на мало што ги анализирала, 148 страници имале најмалку една манипулативна алатка.
Околу 40 отсто од веб страниците за интернет продажба во Европската Унија манипулираат со потрошувачите. До вакви сознанија дошла Европската комисија во рамки на скринингот на 399 онлајн продавници.
Со истражувањето се утврдува колкаво е присуството на барем една од манипулативните алатки за наведување на купувачите како лажни тајмери за одбројување, веб-интерфејси дизајнирани да ги водат потрошувачите до купувања, претплати или други избори и скриени информации. Истрагата покажа дека 148 локации содржеле барем една од овие манипулативни алатки кои се нарекуваат и „темни обрасци”.
Според анализата, 42 веб-локации користеле лажни тајмери за одбројување, 54 веб-локации ги насочувале потрошувачите кон одредени избори и било откриено дека 70 веб-страници кријат важни информации или ги прават помалку видливи.
„Ова однесување е очигледно погрешно и против заштитата на потрошувачите. Денес веќе имаме обврзувачки алатки за да помогнеме во справувањето со ваквите прашања и ги повикувам националните власти да ги искористат своите капацитети за спроведување за да преземат релевантни активности и да се борат со овие практики“, изјави Европскиот комесар за правда Дидие Рејндерс.
Властите во 23 земји членки на ЕУ ќе ги контактираат трговците кај кои се регистрирани пропусти со цел да го прилагодат своето функционирање во согласност со законите во тие земји.
TRT Balkan / агенции