Според договорот со кој заврши бунтот, на Пригожин му беше дозволено да замине во егзил во Белорусија, а неговите борци добија избор да му се придружат, да бидат интегрирани во руските вооружени сили или да се вратат дома, објави Ројтерс.
„Патриот медиа“, чиј најистакнат дел беше информативната страница РИА ФАН, беше силно националистичка, заговарајќи про-Кремљ уредувачка линија, истовремено обезбедувајќи позитивно покривање на Пригожин и неговата група „Вагнер“, наведува британската агенција.
– Ја објавувам нашата одлука за затворање и напуштање на информативниот простор на земјата – изјави директорот на РИА ФАН Евгениј Зубарев во видео клипот објавен доцна синоќа на социјалните мрежи на медиумската групација.
Зубарев не ги наведе причините за таа одлука.
Рускиот весник „Комерсант“ во петокот објави дека Државната служба за следење на комуникациите Роскомнадзор блокирала медиуми поврзани со Пригожин, без дополнително објаснување.
Руските медиуми, исто така, објавија дека „фабриката за тролови“ што, наводно, ја користела Пригожин за да влијае на јавното мислење во странски земји, вклучително и во САД, е распуштена.